Тимот на Ред Бул му врачи шут-карта на возачот Лијам Лосон и го испрати во вториот тим Рејсинг Булс, а на негово место го донесе Јапонецот Јуки Цунода. Ова беше објавено и на официјалната веб-страница на Формула 1.
Јапонскиот возач ќе биде нов тимски колега на актуелниот шампион, Холанѓанецот Макс Верстапен, во редовите на Ред Бул, додека Лосон ќе вози за тимот на Рејсинг заедно со Французинот Исак Хаџар.
Инаку, Лосон го замени Мексиканецот Серхио Перез, во тимот на Ред Бул пред почетокот на сезоната, но во двете трки сезонава не успеа да освои ниту еден бод, што е премногу за шампионски тим како Ред Бул.
- Беше тешко да се гледа како Лијам се бори со РБ21 за време на првите две трки и како резултат на тоа колективно донесовме одлука да направиме промена. Влеговме во сезоната 2025 со две амбиции, да ја задржиме титулата кај возачите и да ја освоиме титулата кај конструкторите, а ова е чисто спортска одлука, истакна директорот на тимот на Ред Бул, Кристијан Хорнер.
Следната трка во Ф1 шампионатот ќе се вози на 6 април за Големата награда на Јапонија, па Цунода ќе го има своето деби за Ред Бул пред своите навивачи.