Реципрочните царини на САД ќе предизвикаат сериозна штета на земјите во развој, особено на најнеразвиените земји, а може да предизвикаат дури и хуманитарни кризи. Вакво предупредување упати Кинескиот министер за трговија, Ванг Вентао, во разговорот со генералниот директор на Светската трговска организација (СТО), Нгози Оконџо-Ивеала
Реципрочните царини на САД ќе предизвикаат сериозна штета на земјите во развој особено на најнеразвиените земји, а може да предизвикаат дури и хуманитарни кризи. Вакво предупредување упати Кинескиот министер за трговија, Ванг Вентао во разговорот со генералниот директор на Светската трговска организација (СТО), Нгози Оконџо-Ивеала.
Како што објави Ксинхуа, Вентао нагласил дека Кина е посветена на зачувување на отворен, инклузивен, транспарентен и недискриминаторски мултилатерален трговски систем и дека, според него, „измислувањето реципрочни тарифи“ од САД е типична практика на еднострано малтретирање.
Минатата среда претседателот на САД, Доналд Трамп неочекувано ги одложи реципрочните царини за сите земји освен Кина за 90 дена, но ги остави на сила основните царини од 10 отсто за речиси сите увозни производи. Со тоа, продолжи тарифната војна меѓу Вашингтон и Пекинг затоа што вкупната царина за увоз на кинески стоки скокна на 145 проценти. Кина, пак, ги зголеми царините за увоз на американски стоки на вкупно 125 отсто.
Трговијата нема да запре, но сè ќе биде поскапо
Оваа ескалација на царинската војна меѓу двете најголеми светски економии може да предизвика прекини во синџирите на снабдување и меѓународната трговија, зголемување на инфлацијата и забавување на растот на глобалната економија, па дури и рецесија.
Новите царини на Трамп доведоа до технички дефект во системот во САД. Компаниите увозници беа огорчени затоа што системот ги спречувал да ги искористат пониските царини, а по профункционирањето на системот повисоките царински стапки биле погрешно пресметани дури и на стоки што се на пат – вклучително и пратки од Кина и земјите опфатени со 90-дневниот мораториум.
Американските увозници имаат право на пониски царини за стоки кои веќе биле на вода пред објавувањето на тарифите. Оваа клаузула, иако останува во сила, е комплицирана со технички проблеми и збунувачки пораки кои доаѓаат од Белата куќа – вклучувајќи ги и неусогласеноста помеѓу објавите на Трамп на социјалните мрежи и вистинската содржина на извршните наредби.
Компаниите кои се потпираат на увоз од Кина и други земји велат дека се затечени од нефункционалниот систем и недостатокот на јасни упатства. Некои ги прекинуваат планираните проширувања на бизнисот и веќе размислуваат за отпуштања. Економистите велат дека компаниите банкротираат, банкарскиот и осигурителниот сектор исто така ќе ги почувствуваат последиците. Некои се сомневаат во капацитетот на администрацијата да го спроведе ова со ова темпо, а трети сметаат дека трговијата нема да запре, но сè ќе биде покомплексно и поскапо.
Паметните телефони и компјутери од Кина ослободени од царина
Администрацијата на американскиот претседател донесе нова одлука со која ги ослободи паметните телефони, компјутерите и другите електронски уреди од новиот пакет тарифи, вклучително и давачките од 145 отсто за кинескиот увоз. Ослободувањето ќе важи и за стоките што влегле во земјата или излегле од складиште по 5 април. Електрониката нема да се оданочува ниту според глобалната тарифна стапка од 10 отсто, ниту според повисоката стапка што се однесува исклучиво на кинеските производи.
Одлуката е донесена по бројните предупредувања од американските технолошки компании дека новите царински правила би можеле драстично да ги зголемат цените на уредите, со оглед на тоа што повеќето од нив се произведени во Кина. Бројни други електронски делови, вклучително и полупроводници, мемориски картички и соларни ќелии, исто така се изземени, во обид на администрацијата на Трамп да се заштити од негативното влијание врз домашната индустрија.
Дури 80 проценти од Ајфон телефоните наменети за американскиот пазар се произведуваат во Кина, а останатите 20 отсто во Индија. Поради зголемената царинска несигурност, „Епл“ ја забрзал испораката на уредите произведени во Индија за да го надомести евентуалниот недостаток.
Одмаздата на Европа се крчка
По одлуката на Трамп, многу земји сигнализираа дека се подготвени да преговараат, меѓу другите и Европската унија која исто така ги одложи своите контрамерки на царините на Трамп.
Но, од Европската унија стигнуваат вести дека се подготвени да воведат царини за „Гугл“ и за „Мета“ доколку разговорите со Вашингтон не успеат да го решат растечкиот трговски спор. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека Брисел е подготвен да ги искористи најсилните трговски мерки, вклучително и против американските дигитални услуги и приходите од реклами на големите компании од Силиконската Долина.
– Развиваме одмазднички мерки. Опсегот на контрамерки е широк во случај преговорите да не дадат задоволителен резултат – рече Урсула фон дер Лајен, додавајќи дека тие би можеле да ја вклучат првата употреба на новиот механизам на ЕУ за заштита од принуда.
Таа објасни дека данокот на приходите од рекламирање од дигитални услуги ќе се применува на целиот пазар на ЕУ, покрај данокот на дигитална продажба што поединечните земји членки веќе го воведуваат независно. ЕК ги разгледува тарифите за американскиот извоз на старо железо, како и заштитните мерки за спречување на европскиот пазар да биде преплавен со кинески стоки погодени од забраните американски царини од 145 отсто.
Додека двете страни се согласија дека е потребна реформа на Светската трговска организација, Фон дер Лајен предупреди дека економскиот хаос предизвикан од царините на Трамп веќе предизвикува сериозна штета на глобалните пазари.
– Во ова нема победници, само губитници. Денес ја гледаме цената на хаосот. Трошоците за неизвесноста низ која поминуваме ќе бидат големи – рече Фон дер Лајен.
Туризмот страда – Европејците ги откажуваат патувањата во САД
Бројот на европските патници кои ги посетуваат Соединетите Американски Држави драстично се намали поради политичките и економските тензии, како и поради стравувањата од непријателската гранична полиција на претседателот Доналд Трамп, која сега им се заканува на најпрофитабилните авиокомпании во светот, пишува „Фајненшл тајмс“.
Нарен Шам, извршен директор на онлајн платформата за резервации за патувања Омио, рече дека стапката на откажување за патувања во САД во првиот квартал била за 16 проценти повисока од минатата година – со посебен фокус на откажувањата кај патниците од Велика Британија, Германија и Франција, каде што биле откажани дури 40 проценти од резервациите.
Бројот на посетители од Западна Европа кои поминале најмалку една ноќ во САД во март е намален за 17 отсто во споредба со истиот период минатата година, покажуваат податоците на американската меѓународна трговска администрација (ИТА).
Според анализата на Фајненшл тајмс, патувањата од некои земји, меѓу кои Ирска, Норвешка и Германија, се намалени за повеќе од 20%. Овој тренд претставува сериозна закана за американската туристичка индустрија, која сочинува 2,5 отсто од БДП. Некои авиокомпании и хотелски групи веќе предупредуваат на пад на побарувачката за прекуокеански летови и ширење „негативен впечаток“ за патувањето во САД.
– Вкупниот број на странски посетители опадна за 12% во март во споредба со минатата година – најсилен пад од март 2021 година, кога туристичкиот сектор сè уште беше силно погоден од пандемиските ограничувања – покажуваат податоците на ИТА.
Трансатлантските линии се меѓу најпрофитабилните во светот, а авиокомпаниите забележаа голема побарувачка по пандемијата, особено за премиум седишта.
Доларот на најниско ниво во последните три години
На девизните пазари, вредноста на доларот во однос на кошницата валути минатата недела падна на најниско ниво во последните три години, како резултат на ескалацијата на тарифната војна меѓу САД и Кина и повлекувањето на инвеститорите од американските државни обврзници.
Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американскиот долар во однос на шесте главни светски валути, падна за 3 отсто минатата недела на 99,78 поени, што е најниско ниво во последните три години.
Курсот на еврото скокна за 3,6 отсто на 1,1355 долари, што е највисоко ниво од февруари 2022 година. Американската валута ослабе и во однос на јапонската за 2,3 отсто, па нејзината цена падна на 143,50 јени.
Доларот е вообичаено познат како една од сигурните валути во неизвесни времиња, но бидејќи на американската економија и се заканува забавување на растот, па дури и рецесија, доларот се најде под притисок, додека јапонските и швајцарските валути, кои исто така се сметаат за побезбедно засолниште за капиталот во неизвесни времиња, значително зајакнаа. Курсот на швајцарскиот франк во однос на доларот го достигна највисокото ниво во повеќе од 10 години.
Аналитичарите сметаат дека падот на доларот, може да значи дека странските инвеститори реагираат на протекционистичките мерки на Трамп со продажба на американски имот.
– Има очигледен егзодус од американските средства. Падот на доларот не е последица само на проценките за забавување на растот на американската економија и трговска нестабилност. Има и нешто повеќе, тоа е пад на довербата во доларот и кредибилитетот на американската политика. Досега, во периоди на одбивност кон ризикот на инвеститорите, доларот зајакнуваше како сигурна валута, но сега доларот е под притисок, додека јапонскиот јен и швајцарскиот франк зајакнуваат – објаснува Вин Тин, стратег во Brown Brothers Harriman.
(С.Бл.)