Општина Охрид преку Одделението за култура надлежно за спомен-обележјата на подрачјето на општина Охрид, нивна санација, реставрација, чистење и одржување го реализираше проектот Дигитализација на споменици и спомен-обележја. Во октомври и ноември 2024 година, направен е увид на 20 спомен обележја во општина Охрид. Наведените спомен обележја се дигитално мапирани и за истите е подготвен текстуален опис кој ги содржи општите информации и карактеристики за споменичните целини, како и фотографии од моменталната состојба.
Дигиталната мапа содржи четири посебни слоеви, односно спомен-обележјата се поделени на четири категории: споменици на природата (информативна табла за Охридското Езеро и спомен дрво Коџаџик), христијански споменици (споменик на Свети Климент Охридски, на браќата Свети Кирил и Методиј, на Свети Наум Охридски Чудотворец и на Свети Климент Охридски, потоа споменици на лица од 19-20 век (спомен-гробови на Антон Кецкаров и на Григор Прличев, како и спомен-бисти на: Христо Узунов, Спас Банџов, Григор Прличев, Методи Патчев и на Андон Дуков. И на крајот спомен-куќи и спомен-плочи (спомен куќа на Григор Прличев, како и спомен-плоча на куќата посветена на Христо Узунов, спомен-плоча посветена на формирањето на прв местен комитет, на Марко Бошнаков, спомен-плоча посветена на Коста Абраш, спомен-плоча – Избор на први академици и спомен-плоча – Детско игралиште „Нада Филева”.
Во понатамошните фази е предвидена е и дигитализација на сите споменични целини на територија на град Охрид, со цел создавање на дигитална мапа на сите споменици и спомен- обележја која ќе биде објавена и поставена на охридската веб-страница. Проектот по фази го реализира охриѓанецот Иван Малезанов.