
Шефот на шпанската Ла Лига, Хавиер Тебас, јавно призна дека е навивач на Реал (М). Сепак, тој се труди професионално да си ја врши работата и нема попуст кон „кралевите“.
Од неговите зборови може да се заклучи дека му е преку глава од гласното кукање кое изминативе неколку недели пристигнува од Мадрид, а причина за тоа се судиските одлуки.
„Кралскиот клуб“ дури се закани дека ќе се повлечи од лигата, но Тебас смета дека таквата одлука е невозможна.
„Не можам да го замислам Реал (М) без Ла Лига. Тоа е невозможно, Флорентино не е навикнат да губи, затоа е упорен и тврдоглав“, вели Тебас.
Тебас најавува промени во судиската организација и јасно тврди дека Реал и Барселона веројатно најмногу имаат корист од грешките кои се случуваат.
„Сакаме да го промениме судискиот систем. Ако ги прашате другите клубови, сите тие ќе ви кажат дека Реал (М) и Барса најмногу профитираат од судиските одлуки. Сепак, тие немаат ТВ канал да го кажат ова јавно. Реал ТВ е единствениот медиум кој ја турка приказната за судиите”.
„Имавме многу полемики со судењето, но нема решение на повидок во Фудбалската асоцијација. ТВ Реал и клубот дополнително ја зголемуваат контроверзноста со објавување лажни извештаи и преиспитување на се што се случува на теренот“.
На крајот Тебас кажа зборови кои нема да им се допаднат на навивачите на Реал.
„Реал (М) е клуб кој постојано се жали и плаче. Тие се жалат за минатиот викенд, за следниот викенд, се жалат на се и мислат дека се е теорија на заговор. Познавам многу навивачи на Реал кои нема да се согласат со мислењата кои ги има клубот. Па, сопругата на првиот човек на Реал е во судискиот комитет, а тоа што го нападнаа Мунуера Монтеро нема никаква смисла бидејќи нема приказна“.
Случајот Негреира во кој Барселона беше обвинета дека плаќа судии е честа приказна и во Шпанија, а Тебас верува дека Каталонците ќе бидат осудени.
„Верувам дека има докази дека Барселона ќе биде осудена за корупција во случајот Негреиро. Сепак, дури и ако бидат прогласени за виновни, не можеме да ги исфрлиме од лигата“.