Три евролигашки екипи, кои во моментов се борат за пласман во нокаут-фазата од елитното натпреварување, доживеаја убедливи порази на натпреварите за трофејот во Купот, во своите земји. По Армани Милано и Монако, без трофеј остана и Реал Мадрид, кој беше поразен од одличната Уникаха.
Интересно, пресметката за трофејот во Купот ја водеа прво и второпласираните екипи од АЦБ-лигата, па подобар натпревар за трофејот во овој момент не можеше да има. За Андалузијците, ова беше трето финале во Купот во последните шест години и втор трофеј во последните три сезони. Во единственото финале што го загубија, во сезоната 2019/2020, беа поразени од Реал Мадрид. Сега им сервираа одмазда на мадриѓаните, и тоа со камата. Конечниот резултат од 93:79 во корист на тимот на Ибон Наваро покажува колку беше доминантно ова за победниците на Лигата на шампионите на ФИБА, кои на тој начин го освоија третиот трофеј во тековната сезона. Пред да го освои „Копа дел Реј“, Уникаха на почетокот од сезоната го освои Интерконтиненталниот куп на ФИБА, како и Суперкупот на Шпанија.
Претходно, претставникот од Еврокупот, тимот на Тренто, убедливо го совлада Армани Милано со 79:63 и за првпат го подигна пехарот наменет за освојувачот на Купот на Италија. Изненадување приреди и Ле Ман со триумфот над Монако, за трофејот во Купот на Франција.