Како што пренесува познатиот кошаркарски новинар, Чема де Лукас, шпанскиот гигант Реал Мадрид е во преговори со Девонте Греам. Бекот, кој одигра 336 натпревари во НБА во својата кариера и се пласираше на Ол-стар викендот, сега е слободен играч откако беше ослободен од Портланд, на почетокот од октомври.
Од декември, тој беше во развојниот тим на Лос Анџелес лејкерс, наречен Саут Беј лејкерс, каде што играше со Брони Џејмс, синот на Леброн. Во развојната лига, тој имаше просек од 13,4 поени и 4,4 асистенции, но неговите најдобри игри беа кога играше за Шарлот.
Во сезоната 2019/2020, тој имаше просек од 18,2 поени и 7,5 асистенции на натпревар за Шарлот, а потоа стигна и до Ол-стар викендот во НБА, кога беше во конкуренција за шутирање три поени. Оттогаш неговата форма е во опаѓање и по Шарлот, не успеа никаде да се наметне, па сега би сакал да ја „оживее“ кариерата во Европа.