Развојот на ски-центарот „Попова Шапка“ прикажан низ разгледници

26

Со мултимедијален настан на кој беа прикажани разгледници и кратки филмови посветени на јубилејот на скијачкиот центар, планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово одбележа 90 години Попова Шапка.

Како година кога почнал да се оформува како скијачки центар се смета 1934, кога таму бил отворен и пуштен во употреба првиот воопшто изграден објект на Попова Шапка – планинарски дом, чии темели сега се дел од истоимениот хотел.

– На 11 ноември 1934 година е свечено отворен првиот планинарски дом на Попова Шапка, за која не се ни знаело дотогаш, не ни постоела како скијачки центар. Со отворањето на овој планинарски дом, почнува градењето на Попова Шапка. Овој дом е првиот чекор што го направиле планинарите, со цел освојување на височините на тој дел од Шар Планина. Домот бил изграден од членовите на нашиот клуб, тогаш планинарско друштво „Љуботен“, со членовите на туристичкото друштво „Југ“ од Скопје, и тоа се почетоците на Попова Шапка – истакна Јован Божиновски.

Беа презентирани десетици разгледници на кои е фотографирана Попова Шапка од 1935 година, па сè досега. Првата е од 1935 година и на неа го има токму првиот објект, планинарскиот дом, кој бил отворен претходната 1934 година.

Во планинарскиот клуб „Љуботен“ се чуваат над 400 разгледници од Шар Планина, од кои 70 отсто се од различни периоди на Попова Шапка.

– Разгледницата е фотографија направена од мајстор на фотографијата, кој требаше да пренесе еден од најубавите амбиенти до оние што ја добиваат разгледницата, кои ќе прочитаат на задната страна од каде пристигнала и кој ја испратил. Таа мануелна комуникација нè радуваше сите нас и тоа беше Фејсбукот на многу генерации. Почнале да се прават уште во 19 век, а досега, стотина години, се изработени во количини што не може да се пребројат во милијарди. Но, ја изгуби својата улога. Сега, со технологијата, стана архивски документ и музејски предмет, кој се чува само од колекционерите, од музеите и од установите – елаборираше на тема разгледница д-р Бранислав Светозаревиќ, историчар и архивист.

Презентацијата „90 години Попова Шапка“ е дел од активностите што се организираат во чест на ослободувањето на Тетово, 19 Ноември, и манифестацијата „Непокорот е слобода – 80 години слободно Тетово“.

 

 

ИЗДВОЕНИ