Собранието попладнево на продолжение на 22. седница ги разреши од должноста членови на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) Андреј Тасев и Мерита Дема.
Разрешувањето е на предлог на Владата и како што се наведува во образложението, има формално-правни недостатоци во делот на исполнување на условите за именување на овие членови.
Според образложението, Тасев и Мерита не го исполнуваат условот од член 17, став 3, од Законот за енергетика, односно во последните 15 години пред именувањето немаат најмалку 10 години работно искуство во енергетиката.
По гласањето за разрешување на Тасев и Дема, потпретседателот на Собранието ја прекина 22. седница, а со Предлогот за разрешување на членови на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад се опфатени и членовите Лирим Сулејмани и Фатон Амбари.