Размена на високо ниво: Фогел пристигна во Белата куќа од руски затвор, САД ќе го ослободи рускиот „крал“ на криптовалутите

90

Американецот Марк Фогел, кој во вторникот беше ослободен од затвор во Русија, во вторникот вечерта пристигна во Белата куќа нагрнат со американско знаме, каде беше пречекан од американскиот претседател Доналд Трамп, кој го пофали рускиот претседател Владимир Путин за неговата улога во ослободувањето на Фогел.

„Ви благодарам на сите, ја сакам нашата земја и многу сум среќен што се враќам овде. И посакувам да можам да го артикулирам тоа подобро“, рече Фогел, според Си-Ен-Ен.

Договорот за ослободување на Фогел, кој Стејт департментот го означи како незаконски приведен, го преговарале Трамп, специјалниот пратеник за Блискиот Исток Стив Виткоф „и советниците на претседателот“, се вели во изјавата на советникот за национална безбедност Мајк Волц.

Во соопштението се нагласува дека ова е „гест на добра волја од Русите и знак дека се движиме во вистинската насока за да ставиме крај на бруталната и ужасна војна во Украина“.

Трамп не даде никакви дополнителни детали за размената, но ја нарече акцијата фер и разумна, „за разлика од потезите што сте ги виделе низ годините“, рече тој, истакнувајќи дека условите за ослободување на Фогел ќе бидат објавени дополнително.

Администрацијата на Доналд Трамп пак, се подготвува да ослободи руски кибер престапник како дел од размената на затвореници со Москва во која американскиот учител Марк Фогел беше ослободен од руски затвор.

Изворите укажале дека во тек е подготовка на Русија да биде предаден Александар Виник, кој во 2024 година се изјасни за виновен за перење пари, а како дел од размената за Фогел. Еден од претставниците изјавил дека Виник сторил ненасилно кривично дело и дека во рамките на размената се откажува од имот вреден десетици милиони долари.

На брифинг од својот кабинет, Трамп изјави дека неговата администрација го добила американскиот државјанин во замена „за ништо посебно“, сугерирајќи дека постигнал добар договор. Подоцна тој ја опиша размената како „многу фер“ договор.

ИЗДВОЕНИ