Потребна е интернационализација на компаниите и зголемување на извозот на производите и услугите на странските пазари за зголемување на бруто-домашниот производ и животниот стандард на граѓаните. Кои се најголемите извозни потенцијали на македонската економија, проблеми со кои се соочуваат извозните компании, дали е потребна поддршка од државата за да им се помогне на компаниите за пораст на извозот разговараме со д-р Љупчо Велески, предавач на првата акредитирана програма за едукација на комерцијалисти за меѓународна продажба во рамки на Извозната академија – Скопје
Вашето професионално долгогодишно искуство е во прехранбената индустрија, еден од главните двигатели на македонската економија. Какви совети би им дале на помалите производители кои секојдневно се борат да опстојат на пазарот?
– ФМЦГ индустријата на производи за широка потрошувачка и посебно прехранбената индустрија како нејзин составен дел е исклучително витален и просперитетен сектор на македонската економија. Македонските компании кои дејствуваат во оваа деловна гранка се комплетно ориентирани кон меѓународниот пазар. Така, на пример, преработувачите на овошје и зеленчук, винарниците, кондиторските компании, огромен дел своето производство го пласираат на пазарите ширум светот. Голем дел од нив имаат реализирано и директна соработка со некои од гигантите на глобалната малопродажба, како Лидл, Алди, Карфур, Теско…Со други зборови ова би значело исто како да соработувате со БМВ во автомобилската или Мајкростофт во ИТ-индустријата. Во сите индустрии, а посебно во ФМЦГ, синџирите на набавка се тотално глобализирани, успеваат фирми кои имаат добра конкурентска кондиција, ефикасно производство, пазарно се профилирани, имаат адекватни комерцијални стратегии, без разлика на која локација во светот се наоѓаат. Па затоа, дури и во Македонија, каде што малопродажбата е најнеразвиена во регионот на рафтовите ќе најдете производи од сите краеви на светот.
Дали извозот треба да биде главна поента во деловна стратегија на домашните компаниите за да опстанат и да се развиваат?
– Македонија е исклучително мал пазар, со ниска куповна моќ на населението, има константен одлив на популацијата на возраст што би требало да претставува ударен потрошувачки сегмент и има прилично т.н. „порозна политика“ за влез на странски производи, односно отсуствува политика за заштита на домашните компании. Поради ова, македонските компании, за да успеат, да опстанат и растат, „судбински“ се предодредени извозот да го имплементираат како главна поента во својата деловна стратегија. Глобалниот пазар, прилично сурово ги казнува неефикасноста, погрешните стратешки одлуки, импровизацијата и обратно богато ги наградува ефикасноста, автентичноста и упорноста. Конкретно, препораките за помалите производители се поставување на извозот на ниво на стратегија, проактивен однос кон извозот, истражување на пазарите, адаптација на производите, организациски и технички промени согласно извозните потреби, континуирана едукација на вработените за да можат успешно да одговорат на предизвиците на глобалниот пазар. Бенефитите од извозот не се само зголемување на приходите, туку комплетно подигање на вкупните перформанси на компанијата.
Како еден од предавачите на Извозна академија што би издвоиле од програмата за да се инспирираат малите и средни претпријатија да учествуваат?
– Карактеристично за оваа акредитирана програма за едукација на комерцијалисти за меѓународна продажба е што се разликува од сите други едукации, семинари и тренинзи на таа тема реализирани во Македонија. Оваа програма е целосно ориентирана кон пракса и има персонализиран пристап, бидејќи индивидуите и компаниите кои учествуваат во оваа програма имаат свои специфичности и се на различно ниво на знаење и свесност, па треба да се детектира и им се понуди токму она што им недостасува за успешно меѓународно работење. Програмата је водат докажани експерти и е приспособена за сите индустрии, со присуство на гости предавачи од успешни компании, кои дополнително ќе ги мотивираат слушателите. Програмата гарантира компетенции, темелно знаење и креира професионалци кои со завршувањето на програмата може успешно да се носат со предизвиците на глобалниот пазар.
Дали идните економисти треба да се обучат за извозна стратегија и да се вклучат во програмата?
– Да, тоа е клучен момент. Претприемачката интуиција е важна во бизнисот, но за успех едукацијата е круцијална. Претходно споменавме дека има семинари организирани од разни институции, комори н НВО, а кои го третираат извозот. Но, тие се многу ретки, без системски пристап и пракса, така што повеќето од нив се во насока на задоволување на формата, а не на суштината. Од друга страна, формалните студиски програми кои ја третираат оваа проблематика, не соодветствуваат со актуелните потребата на деловните субјекти и не креираат комплетно спремен кадар. Токму тие се и главните аргументи за значењето и вредноста што оваа програма ги поседува. Во голем број случаи субјектите кои се или имаат претензии да бидат успешни извозници, не се економисти, туку се инженери, агрономи, фармацевти и се успешни претприемачи. Оваа програма токму нив им нуди решени за алката што им недостига, а на економистите и професионалците им нуди „дестилирани“ знаење кои ќе им помогнат да се вклучат во реалниот свет на меѓународната трговија.
Кои се најголемите проблеми со кои се соочуваат извозните компании?
– Секој актуелен миг носи нови предизвици. Проблемите за извозните компании можат да бидат објективни, од глобални размери како војната во Украина и нејзините реперкусии врз светската економија, инфлацијата, политичките превривања и враќањето на протекционизмот, растот на цените на суровините…. Како и од локален карактер – интервенцијата на власта во висината на маржите, замрзнување на цените, одливот на квалитетна работна сила, недостиг на државна поддршка и сл. Нормално, проблемите можат да бидат и субјективни како што се неадекватни извозни стратегии, отсуство или губење на конкурентската кондиција, неактивен пристап, нефлексибилност и сл. Од аспект на извозот освен глобалните фактори многу е важна способноста на домашните извозници за брза адаптација, како и потребата од силна и ефикасна институционална поддршка на малите и средни претпријатија.
Колкав дел од македонските компании се извозно ориентирани?
– Генерално, базирано на јавно достапни статистички податоци, но и искуствено, многу мал дел, пред сè од македонските МиС се извозно ориентирани. Мислам, дека дури и немаат свесност за важноста и бенефитите од извозот, ниту пак државата прави суштински сериозни обиди да ја подобри таа слика. Но, од друга страна индустриските гранки како фармацевтската, прехранбената, винската се апсолутно извозно ориентирани. Има „извознички“ ѕвезди и во индустрија за мебел и металургијата и тоа се домашни претприемачки фирми кои навистина имаат извозни приказни за секоја почит. Сметам дека е многу важно да се подигне свесноста за важноста за продажбата на странските пазари, и за самата компанија, но и за економијата воопшто. Да се има систематичан приод кон извозот. Државата да го препознае тоа и да дава ефикасна поддршка, но и да ги елиминира бирократските препреки.
Дали поголемиот извоз може да гарантира и поголем раст на економијата?
– Дефинитивно. Постојат детални истражувања во рамки на ЕУ кои потврдуваат дека извозно ориентираните компании се попрофитабилни и имаат побрз и покомплексен развој. Извозот не значи само поголем приход и профит, туку е основа за развој на компанијата во секој поглед, како примена на нови технологии и ноу-хау, усовршување на производите, организациски промени, перманентен процес на едукација и сл. Едноставно со интернационализацијата компанијата го подига вкупниот квалитет на работење. Следствено на тоа, национална економија со успешни извозници, креира поголем БДП и повисок животен стандард и благосостојба.
За поголем извоз бизнисот бара системски промени и поддршка од државата. Дали може да ги добие?
– Секако дека државата може многу да помогне. Почнувајќи од елиминирање на корупцијата и бирократијата која го гуши вкупното живеење и работење, создавање на ефикасна администрација ориентирана кон потребите на економијата и изградба и развој на инфраструктура. Македонија многу брзо треба да се прилагоди на најновите законски регулативи за „зелена“ транзиција. Понатаму, државата треба да даде и конкретна, суштинска поддршка на извозот преку поддршка на саемски претставување, промотивни активности и Б2Б средби, нови договори за слободна трговија, поедноставување на извозните и транспортните процедури.
(А.С.)