Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице поради сомненија дека сторил кривично дело – Тешка кражба според член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик.
Сомненијата укажуваат дека делото го сторил во соизвршителство со уште едно лице кое е идентификувано и по кое се трага.
На 23 јули, во временски период меѓу 12 и 13 часот, двајцата со провалување насилно влегле во стан на булеварот “Трета македонска бригада” и одзеле лаптоп компјутер, рачни часовници и други предмети во вкупна вредност од 38.000 денари.
За осомничениот 35-годишник од Прилеп кој веќе е лишен од слобода, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, бидејќи постојат околности кои очигледно укажуваат на опасност од бегство.