Спротивставените барања и гледишта на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС). Едните се за, а другите против растот на минималната плата. Од КСС го повторија ставот дека нема можности за субвенционирање на платата од 30.000 денари, колку што бара ССМ. Претседателот на КСС, Благоја Ралповски, оцени дека тоа што го бара ССМ е популизам, истакнувајќи дека со покачувањето на минималната плата на 30.000 денари ќе бидат опфатени само дел од вработените во државата. Од ССМ, за весникот ВЕЧЕР, изјавија дека КСС ги бранат ставовите на Владата, а не барањата на работниците. Оттаму изјавија дека сега немаат проблем со Владата, туку со КСС и Конфедерација на слободни синдикати на Македонија (КСОМ).
-ССМ има потпишано Општ колективен договор за приватен и Општ колективен договор за јавен сектор и бараат нивна примена. Во Општиот колективен договор за јавен сектор стои дека сите вработени во јавниот сектор треба да добијат зголемување на платите за 12,6 отсто, а во приватниот сектор само 1.800 денари, односно колку што порасна минималецот. КСС и КСОМ не побараа зголемување на платите во јавниот сектор, односно почитување на Општиот колективен договор, туку бараа да се направи нов колективен договор во кој нема да има зголемување на платите, изјави за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.
Тој додава дека во дискусијата Владата не била против зголемување на минималната плата, колку што биле другите синдикати. Тие ги бранат ставовите на Владата, а не барањата на работниците и не бараат повисок минималец, задоволни се со законското усогласување кое не ги опфаќа сите вработени, туку само оние на минималец, појасни Пешевски.
По средбата меѓу Владата и синдикатите, од Синдикатот на УПОЗ информираа дека ги ставиле во мирување протестите затоа што административците ќе ги добијат бараните 30 отсто за додатоци за плати.
-Ние договоривме тие 30 отсто додатоци на плата да ги добиеме на неколку рати, ако можам така да кажам, во рок од четири години. А покрај тоа, пак потенцирам, додаток на плата, не покачување на плата, а сите вработени во овие институции кои протестираа, секој март да си добиваат усогласување на плата, дали ќе биде тоа со пораст на просечната или со пораст на минималната плата, изјави, изјави Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ.
Сепак, остануваат синдикалните превирања најмногу околу општите колективни договори. Од страна на КСС бараат да се репреговара за општиот колективен договор, а растот на минималецот да не е популизам, туку да има решение кое ќе донесе раст на сите плати.
-За општиот колективен договор, кажав дека имавме една срамна одредба за покачување од само 0,7 отсто во јавниот сектор, тоа беше донесено во септември 2024 година. Знаете дека истиот ден која се потпишуваше тој општиот колективен договор, поради тие причини ние протестиравме, изјави Благоја Ралповски, претседател на КСС.
Преговорите за минималецот ќе продолжат на следната седница на Економско-социјалниот совет која треба да се одржи по утврдување на репрезентативноста на ССМ.
(А.С.)