– Цените растат, а власта нема соодветен одговор и ги одбива предлог решенијата на СДСМ. Само во јануари цените во малопродажба се зголемиле за 5,2 отсто. Овој раст на цени нема да се реши со објавување на цените од страна на гранапчињата или на интернет. Потребни се системски решенија за намалување на цените – истакна пратеникот на СДСМ и поранешен вицепремиер, Фатмир Битиќи.
Тој нагласи дека граѓаните знаат што добија, а тоа се високи цени и инфлација од 4,8% во јануари година, која е за 60 % зголемена ако се спореди со месец декември.
– За прв пат во независна Македонија има картелско здружување, во кое е вмешана и една комора, тоа никогаш не се случило досега и тоа алармира дека треба итно да се реагира – додаде тој.
Во врска со најавуваните инвестиции, Битиќи истакна дека капиталните инвестиции во општините изнесуваат само 2,4 проценти.
– Во овој момент инвестициите во општините се 2,4 проценти, односно само 77 милиони денари се реализирани во општините, рече Битиќи, додавајќи минатата година само во првите два месеца реализацијата во општините била 12,6%, а сега е 2,4%. Осум месеци слушаме 250 милиони евра во стопанството, а досега во стопанството има пласирано нула – нагласи Битиќи.