Годишната инфлација во еврозоната во декември се зголеми на 2,4%, од 2,2% во ноември. Во декември минатата година годишната стапка на инфлација во еврозоната изнесуваше 2,9%.
Во декември, во однос на декември минатата година, инфлацијата во Европската Унија изнесувала 2,7 отсто, додека пред 12 месеци годишната инфлација изнесувала 3,4%, објави „Евростат“.
Најниска годишна стапка на инфлација е забележана во Ирска 1%, Италија 1,4% и во Луксембург, Финска и Шведска од 1,6%.
На спротивната страна е Романија со инфлација од 5,5%, Унгарија 4,8% и Хрватска со 4,5%.
Во споредба со ноември, цените пораснаа во 19 земји, во една останале стабилни, а во 7 се намалени.
Најголем придонес во растот на цените во декември имаат услугите, а потоа храната, алкохолот и тутунот. Многу помал придонес имаат цените на индустриските производи, а придонесот на енергијата е само 0,01 процентен поен.
Базичната инфлација, кога се исклучени цените на енергијата, храната, алкохолот и тутунот во еврозоната, изнесуваше 2,7%.
Најниско ниво на годишна инфлација во еврозоната е забележано во септември од 1,7%.