Растат цените на парцелите во Општина Старо Нагоричане

253

 Општина Старо Нагоричане лани издала дванаесет одобренија за градење, што е значително повеќе од другите општини во североисточниот регион, соопшти Државниот завод за статистика. Осум од одобренијата се за физички лица, а четири за деловни субјекти.

– Од 2020 година, значително е зголемен интересот за изградба на викендички во Општината. Од 2023 година, за 200 проценти се зголемени цените на парцелите што се нудат за викендички, особено покрај главните патишта, покрај реката во селата Стрезовце и Војник. Ако во минатото било по две евра, сега е десет, па и повеќе евра за квадратен метар – изјави заменик-градоначалникот на )пштината, Бобан Цветановски.

Заинтересираните за купување велат дека сакаат мир и тишина, кои ги нуди природата во Општината во североисточниот дел од државата. Купувачите велат дека има солидна патна инфраструктура, дека се цените на задоволително ниво, а добар услов е и тоа што селата од Старо Нагоричане се во близина на Куманово. Во Општината има 39 населени места, а особено е позната по археолошките наоѓалишта, културно-историските објекти, цркви, манастири, природните реткости.

– Огромен е бројот на туристи, но немаме точен број, иако е забележливо нивното присуство во текот на викендите. Од Први мај до први октомври, има голем број домашни и туристи од соседните земји, пред сè од Србија, кои ги посетуваат црквата „Свети Ѓорѓи“ и споменикот „Зебрњак“, додека странските туристи ги посетуваат Кокино и другите места. Во моментов се гради објект во центарот на Старо Нагоричане. Проблем останува неможноста да се освежат туристите кај Кокино, нема никаков објект, а треба да има. Тоа е барање на странските туристи – заклучи Цветановски.  

 

ИЗДВОЕНИ