Во јануари 2025 година, вкупниот извоз забележал пораст од 5 % во однос на тој период од претходната година. Раст од 1,4 % во тој месец и на индустриското производство и пад на невработеноста за четвртиот квартал од 2024 година на 11,9 %, што е историски најниско ниво. Осврнувајќи се на податоците што ги објави Државниот завод за статистика, министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, потенцира дека економијата во Македонија повеќе не е во стагнација. Премиерот Христијан Мицкоски очекува во првиот квартал од годинава да продолжи трендот на растот на БДП, достигнувајќи до 4 или 4,5 %

 

Индустриското производство во јануари годинава забележало раст од 1,4 % споредено со тој месец лани, со фокус на 4,4-процентниот раст во преработувачката индустрија на прехранбени и на тутунски производи. За премиерот Христијан Мицкоски, ова е очекуван раст, кој треба да продолжи во месеците од првиот квартал.

– Во јануари, имавме раст од 1,4 % на индустриското производство, очекувам таков раст и во првиот квартал и не би се изненадил доколку дојдеме и до 4 или 4,5 %. Што се однесува до индикаторите, можам да го изразам моето задоволство, бидејќи по шест месеци ние успеавме да дојдеме до состојба нула. Кога велам до состојба нула, нашата стратегија беше во три чекори. Прво, слободното паѓање, кое беше јасно. Граѓаните го чувствуваа тоа да го сопреме, а потоа да дојдеме до состојба нула. Тоа беше втората фаза и веќе од состојба на нула да почнеме да се креваме нагоре – рече Мицкоски.

Тој посочува дека сè уште се бележи намалување на производството во рударството и во автомобилската индустрија, поради опаѓање на нарачките во Германија.

– Има опаѓање и во делот на снабдувањето со електрична енергија и климатизација. Мислам дека во следните месеци ќе се подобриме и тука, бидејќи состојбата во ЕСМ веќе е консолидирана. Но, охрабруваат опаѓањето на невработеноста и растот на вработеноста. Тоа значи дека тие што додаваат вредност и се трудоинтензивни.

Што се однесува до извозот, Мицкоски рече дека во јануари изнесувал 5 %, нешто што не е забележано од јуни 2023 година.

– Очекувам во првиот квартал трендот на раст на БДП да продолжи и не би се изненадил ако во овој прв квартал дојдеме до 4 или 4,5 %, па и повеќе – рече премиерот, истакнувајќи дека не смее да има опуштање и дека треба да се следат и да се анализираат бројките.

Осврнувајќи се на податоците што ги објави Државниот завод за статистика за невработеноста и извозот, министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, потенцира дека економијата во Македонија веќе не е во стагнација.

– Невработеноста во земјава за четвртиот квартал од 2024 година е намалена на 11,9 %, што е историски најниско ниво. Истовремено расте вработеноста и изнесува 46,2 %, што е 13.067 нови вработувања, што е показател дека во компаниите се создал раст, кој поттикнал отворање нови работни места. Во четвртиот квартал од 2024 година се регистрираше тоа и преку остварениот раст на БДП од 3,2 % – истакна министерката за финансии.

Државниот завод за статистика забележа и податок што покажува позитивни резултати и кај извозот. Во јануари 2025 година, вкупниот извоз забележал пораст од 5 % во однос на тој период од претходната година.

– Затековме економија што беше во стагнација и тоа бараше од нас итни и неодложни мерки на краток рок за да овозможиме економијата да почне да закрепнува и да се фокусираме на политики што ќе овозможат засилена економска активност со просечни стапки од 5 отсто на раст. Клучно е за овој процес да се „покрене“, а имајќи ги предвид достигнувањата на економијата во првите два квартали од 2024 година, се создадени предуслови за сигурно бизнис-опкружување, кое влијае на реализацијата на инвестициите, на отворањето нови работни места и повисок стандард. Дополнително, ова е клучно и за привлекување и реализација на странски директни инвестиции, за кои минатата недела објавивме дека во 2024 година е реализиран историски највисок износ од над една милијарда евра – рече Димитриеска-Кочоска.

Таа потсети дека почнала исплатата на средствата од унгарскиот заем наменет за домашните компании, што, според неа, ќе поттикне инвестиции од околу 300 милиони евра и ќе се отворат нови дополнителни работни места.

(С. Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ