„Раст е ние“ е насловот на новата збирка поезија од поетот Исток Ј. Улчар-Бела во издание на „Илика“. Стихозбирката беше промовирана во рамките на петтото издание на Скопскиот поетски фестивал, кој се одржа од 24 до 26 април.

„Раст е ние“ е шестата книга песни со претходно необјавен материјал од авторот,  а се состои од пет циклуси со разновидна структура и должина (петтиот циклус е практично диптих), секој со дијаметрално различен сооднос меѓу значенската јасност и јазичната игра, меѓу вербалната експлицитност и стилскиот експеримент. Во таа смисла, неговата досега најуспешна песнарка може да се спореди со парабола, чија почетна и крајна точка се најотворено разбирливи, додека оската на симетрија е најотворена за интерпретација.

– Она што е поважно за Улчар и неговата поетика е дека не следи правила, а е строга, логична, концизна, верна на сопствените убедувања. Сонети што се кршат, рими во брз и во бавен ритам, слоговна дестилација, брзозборки слеани во стих, многу архаизми прекроени со модернизам, хумор и иронија, инвокативен тон… ce само некои од квалитетите на овој ракопис – вели Ана Голејшка-Џикова за збирката.

Исток Ј. Улчар е германист филолог. Автор е на шест објавени книги песни: „Сенки низ циркускиот шатор“ (2014, „Антолог“), „Интензивен курс по агонија“ (2016, „Темплум“), „Стихотворбите на Хрвоје“ (2018, „ПНВ Публикации“), „Порој од пепел“ (2020, „Полица“), „Молох 2“ (2021, „Македонија презент“) и на еден словенечко-македонски поетски избор „Lidija na obali/Лидија на брегот“ (2020, независно издание). Има настапувано на повеќе поетски читања и фестивали во земјава („Струшки вечери на поезијата“, „Поетска ноќ во Велестово“ и др.) и во странство („Вече отворених микрофона“ и фестивалот „Допир на Македонија“ во Белград).

Добитник е на првата награда на фестивалот „Бдеење на кокински мугри“ за песната „Вежба“, подоцна објавена во „Молох 2“.

ИЗДВОЕНИ