Општина Штип распиша тендер за изградба на нова обиколница, која ќе се протега од приградската населба Железничка до месноста Рибник кај Кежовица. Тендерот ќе трае 30 дена и веднаш по изборот на изведувачот и евалуацијата на проектот, ќе започнат градежните активности.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, изјави дека, освен растоварување на сообраќајот, новата обиколница ќе овозможи и урбанизирање на овој дел од градот, кој сега е запуштен и се користи како дива депонија.
– Обиколницата ќе овозможи полесно поврзување на жителите од другите населби, побрз проток на возила, но крајната цел е да се создаде развој и можност за зони за домување и за индустрија, нешто што му е неопходно на градот. Перспективно, планираме развој на овој дел од градот и можност за урбанизација – информираше Јорданов.
Тој посочи дека ќе биде градена обиколницата по сите европски сообраќајни стандарди, дека ќе биде со должина од 2,9 километри, со широчина од 13 метри и дека ќе ги поврзува влезовите на Штип од Струмица и од Скопје. Нејзината изградба ќе чини околу два милиона евра, средства што ги обезбеди Владата со кредитот од Унгарија.
– Од овие 100 милиони евра за поддршка на локалните самоуправи, Општина Штип ја следуваат околу 2 милиона евра. Затоа го приспособивме овој проект да се вклопи во тој финансиски износ и да може во целост да се реализира. Секако, дополнителните фази од реализацијата на проектот ќе бидат оставени за следната година, кои ќе овозможат пуштање во употреба на оваа обиколница – вели Јорданов.
Новата обиколница, која ќе ги поврзува влезовите на Штип од Струмица и од Скопје, треба да биде готова за една година.