„Пакомак“ го распиша конкурсот „Trash for Art 2025 – Од отпад до уметничко дело“. Конкурсот е отворен од 20 февруари до 12 март годинава. Trash for Art 2025 е отворен за сите деца и возрасни, а пријавените дела ќе се натпреваруваат во три категории: градинки, основни училишта и поединци и други организации. За секоја од категориите се предвидени по три парични награди.
-За прво место, наградата е 30.000 денари, за второ 20.000 и за трето место, 10.000 денари. Оваа година ќе бидат доделени и специјални награди од „Нула Отпад“ ДОО Скопје за скулптура направена од електронски отпад, со идентичен награден фонд за прво, второ и трето место, како и во другите категории – информираат од „Пакомак“.
Испратените дела треба да бидат изработени од минимум 10 парчиња амбалажен отпад (од ист или од различен тип амбалажа) и да бидат високи не повеќе од 150 сантиметри. За уметничките дела од електронски отпад треба да се употребат минимум три дела од електронски отпад и отпадни батерии.
Сите скулптури ќе треба да се достават или испратат по карго служба во Лабораториум, на булевар „Климент Охридски“, број 68 во Скопје на 11.3.2025 или 12.3.2025 помеѓу 10 до 18 часот.
Одбраните дела од секоја категорија ќе бидат објавени на веб-страницата на „Пакомак“ и тие ќе останат во сопственост на компанијата.
Недобитните дела ќе може да се подигнат на 14.03.2025 година, најдоцна до 16 часот.
Еден учесник може да пријави и повеќе дела, но не може да освои повеќе од една награда.