Бледи, но убави и сè уште врежани се сеќавањата на скопјани за тоа како се прославувала некогаш Нова година во Офицерскиот дом, кој повеќе не постои. Најголем впечаток кај оние што се сеќаваат на гламурозните пречеци на Нова година во Офицерскиот дом оставиле големиот лустер во свечената сала, прекрасната светлина, огромната украсена елка, впечатливите завеси во боја, како и живата музика од воениот оркестар
Пред војната, во Скопје постоеле познати и реномирани хотели што организирале новогодишни забави. Познатиот скопски хроничар, Данило Коцевски, во своите написи како такви ги споменува: „Париз“ на улицата Македонија, до некогашното кино „Вардар“; хотелот „Лондон“ на таа улица, наспроти поранешната продавница „Борово“; хотелот „Москва“ кај денешен „Турист“; хотелот „Бристол“; ресторанот „Балкан“ кај киното „Култура“. Да не ги заборавиме и боемските кафеани „Идадија“, „Палас“, „Маргер“, подоцна и „Зора“. Треба да се споменат и забавите и свеченостите во Францускиот клуб, како и познатото Француското школо, кое се наоѓало спроти денешната зграда на Владата. Со ова популарно школо во Скопје раководел господинот Шарл Дер со сопругата.
Сепак, најблескавите пречеци биле во Офицерскиот дом и во Стариот театар.
Данило Коцевски пишува дека во периодот меѓу двете војни, во Офицерскиот дом, на новогодишните пречеци оделе, главно, воените и политичките елити, но и видните граѓани од општествениот живот, познати индустријалци и трговци. Во тоа елитно новогодишно друштво можеле да се видат првите скопски дами и убавици. Меѓу нив биле: Мира Шламбергер, која била прогласена за мис на Скопје; артистките Мери Оливиери, Соња Сиракова, Мери Похрадски; Вера Петриќ, која била мис на модата; Марица Шими, кралица на тангото; виолинистките Берта Лапериер и Дадире Ќазим, како и г-ѓа Шана Виќентијевиќ, г-ѓа Јанева, г-ѓа Ташковиќ, кои предизвикувале восхит.
Бледи, но убави и сè уште врежани се сеќавањата на скопјани за тоа како се прославувала некогаш Нова година во Офицерскиот дом, кој повеќе не постои.
Најголем впечаток кај оние што се сеќаваат на гламурозните пречеци на Нова година во Офицерскиот дом оставиле големиот лустер во свечената сала, прекрасната светлина, огромната украсена елка, впечатливите завеси во боја, како и живата музика од воениот оркестар.
Сè уште останале убавите спомени за дотераните дами во долги, свечени фустани, со блескав накит и брошови, но и мажите облечени во свечени костуми, а тогаш биле модерни и фраковите.
Она на што се сеќаваат малкумина, иако тогаш биле мали деца, се играчките закачени на огромната елка.
Славица Златкова-Петровиќ, за весникот ВЕЧЕР, евоцираше убави моменти од пречеците на Нова година во Офицерскиот дом.
– Родена сум во објектот каде што е сега кафеаната „Пелистер“. Татко ми беше воено лице. Живеевме во близина на Офицерскиот дом. Она на што се сеќавам се огромниот раскошен лустер и светилките. Ми остави убави спомени – раскажува таа.
Се сеќава на тоа дека сите носеле новогодишни капи и дека имало многу народ.
– Иако бев дете, впечаток ми оставија и долгите свечени фустани, блескавиот накит и брошовите што ги носеа дамите, додека мажите беа облечени во костуми, а модерни беа и фраковите – вели Славица.
Посебен впечаток ѝ оставила Новата година кога имала шест години.
– Таа Нова година моите родители ја пречекаа во Офицерскиот дом. Бидејќи имав огромна желба да одам со нив, татко ми ме зеде од дома кога требаше да се извлекува новогодишната лотарија, која се организираше таму. Јас извлеков ливче. Ми се падна печено прасе. Се радувавме сите. Не можам да ја заборавам и огромната елка, висока можеби четири-пет метри, украсена со светилки. Воениот оркестар свиреше во живо. Таму се правеа убави забави секоја сабота навечер, а се слушаше и се играше многу рокенрол – зборува Славица со носталгија за едни далечни и убави времиња.
Марија Бејаноска, пак, вели дека не била на пречек на Нова година во Офицерскиот дом, но, како мало дете, ја видела огромната елка и си споменува за играчките закачени на неа.
– Особено ми останаа врежани профилот на еленчиња од дрвена плоча обесени на елката, многу пријатната светлина наоколу, големите завеси во боја низ кои се пробиваше светлината и огромниот лустер над сето тоа – се присетува таа.
Билјана Стојиловска раскажува дека, според кажувањата на нејзиниот татко, кој сега е починат, тој и нејзината мајка ја славеле Нова година во Офицерскиот дом, каде што најчесто оделе за Стара нова година.
– Мајка ми ми кажуваше дека имало голема сала и највпечатлив, за неа, бил големиот лустер таму – нагласува Билјана.
Првата година по ослободувањето на Скопје било организирано празнување за родителите, и тоа со децата. Било попладне, се присетува Радица Бојаџиев-Николовска.
– Ништо друго не забележав, освен огромната елка накитена со бонбони, разнобојни хартичиња, свеќички и со памукчиња. Тогаш за прв пат видов накитена елка, бидејќи мајка ми тогаш не ни дозволуваше да имаме елка дома. Тоа не беше наш обичај. Ние ја китевме целата куќа со бадникови гранчиња – нагласи Радица.
Надица Радоњиќ, пак, памети дека, како деца, им давале пакетчиња во Офицерскиот дом, а родителите сами оделе таму за пречекот на Нова година.
Офицерскиот дом е дело на Вилијем Баумгартен, како познат и стилски изграден руски архитект. Претставува објект со нагласен академски пристап во третманот на композицијата, организацијата и на декорацијата.
Овој проект бил нарачан од Министерството на војската и морнарицата, поради концентрацијата на општествениот живот на воената елита во Скопје и околината.
И покрај моменталните текови во македонската архитектура, овој објект (1929-1963 година) е академски пример за своето време и претставува редок грандиозен објект од ваков карактер на територијата на Вардарска Македонија.
Објектот настрадал во скопскиот земјотрес, во 1963 година.
На негово место сега се гради новиот Офицерски дом или „Градска куќа“, кој ќе ѝ биде предаден на Владата, односно на Службата за општи и заеднички работи. Таа треба да го уреди со мебел и да го стави во функција. Офицерскиот дом треба да биде резиденцијален кабинет на градоначалникот на Скопје и во него да има простории за Матичната служба. „Градската куќа’ ќе му служи на скопскиот градоначалник за прием на странски делегации, но таму ќе биде сместена и салата за венчавање.
(А.П.)