Расипани автобуси на секој чекор, скопјани револтирани, ЈСП бара соломонско решение

1458

 Директорот на ЈСП, Драги Кушовски информира дека и минатата недела се расипале четири автобуси и дека недоволниот број на возила е главната причина за непочитувањето на возниот ред, а оттука и за оправданиот бес кај скопјани. За жал, градските советници, иако повеќе пати набавката на нови еко-автобуси се најде како точка на дневен ред на седниците на Советот на Град Скопје, не ја изгласаа. Кушовски се надева дека ќе се најде друго, како што го нарече соломонско решение.

– Во моментов, работиме на решение за да се подобри состојбата со градскиот превоз и недостигот од автобуси. Вклучени се повеќе институции и фактори, но тоа да го оставиме на времето. Не сакам предвреме нешто да кажувам, а потоа да не се реализира, истакна Кушовски

 

Автобусите на јавното сообраќајно претпријатие се наоѓаат во катастрофална состојба. И оние што сообраќаат често пати се расипуваат сред возење. Само во еден ден можеа да се забележат расипани автобуси од кои еден во Автокоманда, еден двокатен кај ТЦ „Три бисери“ во Аеродром, и уште еден двокатен на булеварот „Борис Трајковски“ кај фабриката „Охис“ во општина Кисела Вода.

Граѓаните постојано се жалат дека автобус чекаат и по еден, па и до два часа и поради тоа доцнат на своите работни места и реагираат на тоа што возачите не го почитуваат возниот ред.

– Добро, некој да преземе одговорност што нема автобуси. Плаќаме карти. Автобусите со број 22 од најредовни ги направивте да сообраќаат на еден час. Не можеме да стигнеме на работа – коментираат скопјани на „Фејсбук“.

Некои од граѓаните, пак, прашуваат кога веќе јавно е објавен автобускиот возен ред, зошто не се почитува, бидејќи на + 43 степени луѓето се шлогираат на постојките? 

Директорот на ЈСП, Драги Кушовски, информира дека и минатата недела се расипале четири автобуси и дека недоволниот број на возила е главната причина за непочитувањето на возниот ред, а оттука и за оправданиот бес кај скопјани.

– Во моментот, во функција се 190 возила. Нам ни се потребни уште 35 до 40 автобуси за да покриеме летниот возен ред – истакна Кушовски.

Тој додаде дека ЈСП како претпријатие не смее самостојно да го смени возниот ред, иако како што истакна тој е непроменет 9 години и не одговара на сегашнава ситуација, бидејќи се изградени нови булевари и има промени во населеноста.

– Тогаш имаше многу повеќе автобуси, сега нема и затоа не може да се покрие возниот ред – потврди Кушовски.

Тој додава дека е потребен нов возен ред, но тој треба да биде одобрен од сообраќајната полиција и да помине на седница на Советот на Град Скопје.

– Ние сами како претпријатие ништо не можеме – дециден е Кушовски.

Директорот на ЈСП најави дека во моментов подготвуваат оптимизација на возниот ред.

– Потребно е време, бидејќи треба да се направи квалитетно, со анализи, не само површински, а потоа да помине кај сообраќајната полиција и да биде изгласан од градските советници – смета Кушовски.

За жал, градските советници, иако повеќе пати набавката на нови еко-автобуси се најде како точка на дневен ред, на седниците на Советот на Град Скопје, не ја изгласаа.  Кушовски се надева дека ќе се најде друго, како што го нарече соломонско решение.

– Во моментов, работиме на решение за да се подобри состојбата со градскиот превоз и недостигот од автобуси. Вклучени се повеќе институции и фактори, но тоа да го оставиме на времето. Не сакам предвреме нешто да кажувам, а потоа да не се реализира – истакна Кушовски.

Toj додаде  дека за претпријатието да стигне до самоодржливост институциите мора да излезат во пресрет за обнова на возниот парк, притоа со домаќинско и одговорно работење тековно ќе можат да се сервисираат обврските.

Воедно, упати апел до граѓаните да плаќаат билет при употреба на јавниот превоз, додека оние кои веќе имаат да ги валидираат своите билети.

– Граѓаните мора да ги плаќаат своите билети во автобусите при возењето и да ги валидираат оние кои што имаат билети, дали се бесплатни или платени да прават валидации, а оние кои што немаат да си купуваат билет – рече Кушовски.

 

 Мицкоски:  Ќе направам сѐ што е потребно само проблемите да се решат!

Премиерот Христијан Мицкоски денескаизјави дека е подготвен  за секое решение за проблемите во главниот град, но доколку нема прогрес како што рече, тогаш ќе мора да се оди радикално и инвазивно.

Прашан за коментар во врска со вчерашниот предлог од Град Скопје кој понуди да учествува и формира посебно работно и координативно тело со Владата за решавање на проблемите во Скопје, Мицкоски одговори дека прифаќа сѐ што е во интерес на скопјани, затоа што, како што истакна градот мора да функционира нормално, бидејќи претстои и почеток на нова учебна година и граѓаните веќе се враќаат од годишните одмори.

-Сѐ што е потребно ќе направам, и ќе се сретнам, и ќе формираме тим, сѐ што е потребно во интерес на скопјани, само проблемот да се реши. Да се обидеме да го санираме тоа што може да се санира со разговор, со политика, со дипломатија. Доколку видиме дека тука нема прогрес, тогаш ќе мора инвазивно да влеземе во решавање на проблемот – изјави Мицкоски. 

На прашањето колкав е тој „разумен рок“ за да почнат претпријатијата да ја извршуваат својата работа, Мицкоски одговори дека не е секундант што ќе одбројува затоа што, како што нагласи, на сите им е јасно дека состојбата во главниот град е лоша и алармантна.

(А.П.)