„Со преселувањето во новиот објект на кејот „Димитар Влахов“ бр. 19 – Скопје, еден дел од главното депо е сместено на шестиот кат, простор што не поседува капацитет за сместување на целокупниот архивски материјал. Низ самото депо поминуваат одводни и водоводни цевки, што претставува голема опасност за архивскиот материјал, системот за гасење пожар е исто така со вода, наместо да има систем со суво гасење, соодветно за вакви депоа…, истакнува меѓудругото во разговорот за весникот ВЕЧЕР директорката на Државниот архив, проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова, која посочува дека се потребни и поголеми средства од државата за побрза дигитализација на архивскиот материјал
– Државниот архив на Македонија треба да се трансформира во современ научноистражувачки центар, а трајното чување и заштитата на архивскиот материјал, кој претставува движно културно наследство на нашата земја и влијае на формирањето на историската и на културната меморија, треба да се организира според меѓународните и според ЕУ- стандардите – вели Наташа Котлар-Трајкова, директор на оваа државна институција која, на 1 април, Денот на архивските работници, одбележува 74 години постоење.
За огромното значење на Државниот архив на РСМ и на деветте одделенија сместени во градовите низ државата зборуваат 7.769 фонда, 382 збирки, 113.087 архивски кутии, 68.369 книги, како и 11.208.450 снимки микрофилмуван архивски материјал. Архивскиот материјал што се чува и се заштитува, пак, истакнува Котлар-Трајкова, започнува со најстариот документ од 12 век, фрагмент од Евангелието на свети апостол Лука, пергамент напишан на старогрчко писмо. Во Архивот се чуваат и околу 250 раритетни старословенски ракописи и книги од 12 до 20 век, документација од времето на османлиското владеење. Тука е и збирка сиџили (протоколи) на битолскиот кадија во континуитет од 1607 до 1912 година (единствено зачувани кај нас – од целата Османлиска Империја), архивски материјал за периодот меѓу двете светски војни, за повоениот период…
Дигитализација
– Државниот архив покрај чување и заштита на документи од постар период, дава и информации од современ карактер, од пензиско, социјално и имотно интересирање на граѓаните, но, исто така, има и научноистражувачка функција. Сметаме дека нашите фондови, како историско наследство, треба да бидат соодветно дигитализирани и на тој начин и достапни, прво до научната фела, а потоа и до целото општество. Во моментот, проектот за дигитализација на Архивот се врши во соработка со Министерството за дигитална трансформација. Самата архивска дејност има свои специфики, имаме архивски материјали и фондови што треба да се скенираат и обработат на соодветен начин. Иако процесот на дигитализацијата е започнат уште пред дваесетина години, кога бевме и меѓу првите во таа сфера, поради постојаните промени во политичкиот домен, веќе доцниме во однос на околните држави – вели Котлар-Трајкова.
Таа посочува дека зборот на вработените во Архивот треба да биде слушнат во однос на потребите што ги имаат и проблемите со кои се соочува објектот.
– Во тој контекст, работиме и на новиот закон за архивска дејност, бидејќи оттаму ќе извираат потребата, статусот и значењето на Архивот. Ние очекуваме архивската дејност да биде примарна во општеството, бидејќи Архивот е трезор на националното и на државното културно и историско наследство, кое е од огромно значење за државата – истакнува Котлар-Трајкова.
Потреби на Архивот
Советникот во Архивот на СРМ, Емилија Роп, пак, потенцира дека е направена анализа што сè е потребно од тој информатички дел, целиот овој архивски материјал да биде комплетно дигитализиран и на тој начин зачуван и соодветно заштитен, а во таа насока се контактира и со претставниците на Владата.
– Пред сѐ ни е потребен информациски архивски систем, кој ќе ги содржи и ќе работи врз принципот на меѓународните стандарди за архивистичко и електронско работење. Ние имаме план како да го направиме тоа, но борбата е за финансии со кои ќе биде поддржано тоа. Нашите фондови треба да бидат дигитализирани за да може да бидат достапни и до истражувачите и до јавноста – посочува Роп.
Директорката Котлар-Трајкова, исто така, укажува и на засегнатоста во однос на сукцесијата на архивскиот материјал од поранешната југословенска заедница.
– Ние сме правни наследници и на тој архивски материјал, така што треба да се дигитализира и она што ќе го преземеме преку сукцесијата. И мора да го направиме тоа достапно. Тоа не се обични документи што ќе бидат во дневна циркулација, тие се од сферата на истражувачкото работење и тука сме прилично назад, бидејќи другите држави, со помош на владите, добиваат огромни средства и екипи и успеваат да скенираат голем дел од тие материјали и да ги стават во дигитална форма. Значи, треба да се обезбеди соодветна дигитална програма, која не само што ќе биде ставена во функција туку и ќе се одржува – додава Котлар-Трајкова.
Една од „болките” на Државниот архив на Македонија се и условите за работа, кадарот и опремата потребна објектот да го достигне европското ниво. Државниот архив – централниот дел, истакнува Котлар -Трајкова, од 1969 година имал наменски изграден објект во своја сопственост, кој бил изграден по сите светски норми и стандарди, и специјализирано депо, сместено во посебен објект одделен од административниот дел на зградата, со површина од 2.200 квадратни метри. Со одлука на Владата од 2012 година, правото на користење на споменатиот објект на досегашниот корисник, Државниот архив, му престанува и тој му се доделува на трајно користење на Основното јавно обвинителство – организиран криминал и корупција. Со преселувањето во новиот објект на кејот „Димитар Влахов“ бр. 19 – Скопје, еден дел од главното депо е сместено на шестиот кат, простор што не поседува капацитет за сместување на целокупниот архивски материјал (затоа остануваат ингеренциите на Архивот во користењето на старото депо, каде што се наоѓа поголемиот дел од фондовскиот материјал). Новото депо се соочува и со опасност од попуштање на тежината што ја носи, поради што повеќе и не се сместува архивска граѓа. Низ самото депо поминуваат одводни и водоводни цевки, што претставува голема опасност за архивскиот материјал. Во депото нема прозорци, ниту вентилација, со што е оневозможено природно проветрување на архивскиот материјал како основен предуслов за негова заштита. Не се овозможени и микроклиматски услови за заштита на документацијата, а нема ниту противпожарни скали за нејзина евакуација во случај на природни катастрофи, вонредна или воена состојба…
Директорката на Архивот посочува дека депото во стариот објект, пак, ги има сите овие услови за чување и заштита на архивскиот материјал, со посебен влез/излез, посебен надворешен извор на струја, систем на противпожарна заштита, а секој кат од депото е одвоен еден од друг со метални врати и има дополнителен независен влез/излез за евакуација на архивскиот материјал. Во однос на местоположбата на претходниот објект, позитивна страна е што во непосредна близина се и објектите што ги користи академската заедница. Иако Архивот е востановен како државен во 1951 година, сепак првите насоки за негово формирање се дадени многу порано, од угледни професори, историчари како Димче Стојанов-Мире (член на АСНОМ), потоа Данчо Зографски и Петар Стојанов.
Услови за работа
– Сè уште сме на становиште дека треба една влада да води грижа за државното, националното и за историското богатство. Во овие услови сега, тоа богатство ни е засегнато, не ги нудиме услугите потребни на граѓаните, а уште помалку има услови за научноистражувачка дејност – вели Котлар-Трајкова.
Таа додава:
– Ако сега не се промени ситуацијата, има опасност да го загубиме темелникот на државата. Со не помали проблеми се соочуваат и зградите на архивските одделенија во Струмица и во Тетово, на кои им е потребна дислокација, со што би се спречило уништување на архивскиот материјал.
Советничката Емилија Роп, пак, укажа и на други проблеми со кои се соочува Архивот, како со депоата така и со лабораторијата за конзервација и реставрација на архивски материјал, недостигот на стручно подготвени кадри, поради што огромен број фондови остануваат необработени, а со тоа и недостапни; недостигот на опрема за дигитализација и потребна компјутерска опрема за надградба на хардверот и апликативен софтвер итн.
– Само со решавањето на примарните проблеми, Архивот ќе може да тргне кон реализација на зацртаната визија. Имаме библиотека, како и читална, каде што секој корисник, за каква било цел, може да користи архивски материјал. Сето тоа што ќе биде обработено, чувано, покрај користењето во читалната, може да биде употребувано и за нашите архивски изданија, за публикување, издавање монографии и содржини што се поткрепени со архивски материјал, со наши документи или донесени при истражување, а се однесуваат на историјата на Македонија. Може да правиме изложби или да имаме проекти со други архиви за одредени заеднички теми. Она што следува понатаму е издавање имотноправни документи и потврди за стаж по барање на корисниците и да можеме да ги издаваме во електронски облик, односно да ги добијат на и-мејл или на е-услуги.гов порталот. Кога ќе бидеме приклучени, ќе можеме да им даваме и нови услуги на граѓаните – вели Роп.
Директорката Котлар-Трајкова укажа и на соработката на Архивот со архивите на другите држави.
– Ние не само што соработуваме со институциите од државата туку имаме потпишано и повеќе меморандуми со земјите од поранешна Југославија, но и со Бугарија, особено со Турција, а пробиен е ледот и со Архивот на Грција. Наскоро ни доаѓаат и колегите од Чешката Република. Овие меморандуми ни овозможуваат непречено истражување на темата Македонија. Исто така, многу ни е битно и искуството на нашите колеги околу конзервацијата на материјалите – вели Котлар-Трајкова. (Д.Т.)
Фото: Ѕ.Плавевски