
Сите натпревари заслужуваат посебно внимание, но кога се во прашање денешните први четири натпревари од 1/8 финалната рунда во Лигата на шампиони, тогаш нема дилема дека очите на фудбалската јавност ќе бидат насочени кон „Сантијаго Бернабеу“ каде на програма е првата меѓусебна пресметка помеѓу лутите градски ривали, Реал (М) и Атлетико (М).
Многу добро е познат историјатот на овие два тим во Лигата на шампиони, два пати играа во финалето и два пати се радуваа фудбалерите на „кралскиот клуб“. Сосема очекувано, домаќинот ја има улогата на благ фаворит најмногу поради напаѓачкото трио Мбапе – Винисиус – Родриго, додека како и секогаш, главно оружје на „јорганџиите“ ќе биде агресивната и на моменти груба игра.
-Имаме многу голем натпревар во Лигата на шампиони и мора целосно да бидеме фокусирани на тој дуел. На ништо друго не треба да мислиме, да ја заборавиме борбата за титулата во Ла Лига. Ми се допаѓа скромноста на играчите и нивната вештина. Очекувам да бидеме конкурентни од првата до последната минута и знам дека ништо нема да биде готово после првиот натпревар, изјави тренерот на Атлетико (М), Диего Симеоне.
Улога на благ фаворит имаат и фудбалерите на лондонскиот премиерлигаш Арсенал кои ќе се обидат да остварат позитивен резултат во првата меѓусебна пресметка против холандскиот преставник Арсенал.
-Знам дека ни недостасува еден мал дел, едно парче. Има за што да играме, мора да ја најдеме вистинската солуција. Пред нас е натпреварот во Лигата на шампиони. Ние сме дел од едно прекрасно натпреварување и мора да бидеме максимално подготвени, изјави менаџерот на „топчиите“, Микел Артета.
Предноста на домашниот терен треба да биде клучна кога е во прашање дуелот помеѓу германскиот бундеслигаш Борусија од Дортмунд и францускиот претставник Лил, а поголем број на погодоци се очекува во Белгија каде силите ќе ги одмерат фудбалерите на Клуб Бриж и Астон Вила.
ДЕНЕСКА НА ПРОГРАМАТА: Клуб Бриж – Астон Вила, Борусија Д. – Лил, ПСВ – Арсенал, Реал (М) – Атлетико (М).