Македонската ракометна репрезентација ги доби ветените премии од Ракометната федерација за успехот на неодамна завршеното Светско првенство и пласманот во втората фаза на шампионатот. Со тоа, тимот кој го предводи Кирил Лазаров покажува знаци дека е на вистинскиот пат.
Ракометната Федерација на Македонија си го одржа зборот и Управниот одбор информираше дека на репрезентацијата ќе ѝ бидат поделени околу 50.000 евра, или три милиони денари.
- По претходно донесена одлука на Управниот одбор, Ракометната федерација на Македонија ја исплати наградата во износ од 3.000.000 денари на машката сениорска репрезентација за настапот на ИХФ Светското првенство 2025 година. Машката сениорска ракометна репрезентација го задржа континуитетот на настапи на големите натпреварувања, обезбедувајќи учество на деветти последователен ракометен Мундијал. Со почит, Ракометна федерација на Македонија, се вели во соопштението.