Македонската женска сениорска ракометна репрезентација доби дополнителен мотив за пласман на Светското првенство кое на крајот од годинава ќе се одржи во Холандија и Германија. Имено, Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија, објави премија за женската селекција доколку се пласира на Мундијалот, но за тоа во баражот прво треба да ја помине репрезентацијата на Полска. Премијата која што ја ветија челниците на РФM е 1.500.000 денари.
„Ве известуваме дека Управниот Одбор на Ракометната Федерација на Македонија, согласно Член 35, 59 и 60 од Статутот поради итност на донесување на одлука согласно Член 3 точка 11 “Одлука без присуство” од Законот за здружение и фондации (Сл. весник на РМ бр. 52 од 16.04.2010 год.) на ден 07.04.2025 година донесе одлука за доделување на парична награда.
Управниот Одбор на РФМ одреди парична награда за македонската сениорска женска ракометна репрезентација за успешен пласман на претстојното Светско првество преку квалификациски бараж натпревари против репрезентацијата на Полска во рамки на „Women’s World Championship 2025 – Qualification Europe Phase 2“ во висина од 1.500.000,00 денари нето износ“, напишаа од РФМ.
Првиот натпревар од двомечот во Полска, ракометарките го играат утре од 20:30 часот на гостински терен, а за сабота е закажан реванш мечот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.