Левиот бек на најтрофејниот македонски ракометен клуб Вардар, Црногорецот Вуко Борозан, можеби нема да настапи на утрешниот натпревар од Европската лига против Порто откако во Скопје го нападнале улични кучиња. Веста ја потврди тренерот на „црвено-црните“, Владо Неданоски, кој кажа дека по инцидентот завршил во болница.

„Се случуваат неочекувани работи во нашиот главен град. Борозан беше нападнат од кучиња додека се шеташе со своите деца и заврши во болница. Бранејќи се од кучињата беше искасан по што доби 14-15 конци“, изјави Неданоски на прес-конференцијата на која го најави мечот со Порто.

Вуко Борозан се врати во Вардар откако со овој клуб претходно ја освои Лигата на шампионите.

Дека граѓаните се цел на глутници кучиња што слободно се движат низ центарот на Скопје, е и неодамнешниот напад на скопјанец, кој возејќи се на велосипед, на кој бил и неговиот четиригодишен син, бил нападнат и искасан од две улични кучиња на улицата „Боемска“.

– Тоа беше во 8:30 часот, кога со велосипед го носев мојот син во градинка, и тоа пред позната скопска кафеана на „Боемска“ во Дебар Маало. Се соочив со глутница кучиња што беа таму. Две од нив тргнаа по мене и ме нападнаа, бев каснат на десната нога, имам дупка. За среќа, ништо не му се случи на синот, но тоа беше траума за него, беше исплашен и плачеше – ја раскажа скопјанецот случката пред неколку дена во нашата редакција.

Секој ден во билтените на МВР има по десетина пријави за каснати граѓани од улични кучиња. Улиците не само во Скопје, туку и во другите градови низ државава се полни со кучиња скитници.