Тројца поранешни рагбисти од француски Гренобл се осудени на вкупно 40 години затвор за силување на студентка. Тие добија казни од 12 до 14 години за злосторството што се случи во 2017 година, во хотел во Бордо, каде што во тој момент престојувала нивната екипа. Тие не се единствените казнети, односно уште двајца рагбисти добија помали казни затоа што не презеле ништо да го спречат ова злосторство.
Ирецот Денис Коулсон (30 години) и Французинот Лоак Џејмс (30) се осудени на 14 години зад решетки, а Рори Грајс, 34-годишниот спортист од Нов Зеланд, мора да оди во затвор на 12 години. Ирецот Крис Фарел е осуден на четири години затвор бидејќи не интервенирал, а Новозеланѓанецот Дилан Хејс е осуден на две години затвор за истото дело, но условно.
Студентката, чие име не е објавено, тврди дека рагбистите ги запознала во кафеана, а потоа заедно со другарките отишле во ноќен клуб. Таа истакна дека сите пиеле многу и дека не се сеќава како стигнала до хотелот каде што се разбудила со предмет во гениталниот дел.
Кога се разбудила видела двајца голи и двајца облечени мажи. Тројцата осудени не негираат дека имале сексуални односи со студентката, но се бранеле дека односите биле консензуални.