„Рафа би бил најдобар во историјата доколку не се повредуваше толку често“

78

Тони Надал, чичко и поранешен тренер на Рафаел Надал, изјави дека не е изненаден од најавата за пензионирање на поранешниот број еден. Искусниот стручњак во интервју се осврна на одличната кариера на тенисерот, за која е и тој е исклучително заслужен.

Во тимот на Рафаел Надал беше до 2017 година, а познато е и дека е еден од главните оперативци на неговата тениска академија.

„Кога нешто ќе заврши, секогаш носи емоции и чувство на тага, но среќен сум поради чувството што Рафаел го остави во светот на спортот. Отсекогаш сум бил тренер кој се плашел од порази. Знаев дека постои тенка линија помеѓу победата и поразот и дека веројатно ќе загубиш ако не ги достигнеш своите граници. Да ми кажеше некој во 2004 година дека мојот внук ќе се пензионира во 2024 година откако ќе освои сè, не можев да замислам“, вели Тони Надал.

Тенисерот од Мајорка во текот на кариерата беше познат по фанатичното срце и борбата до последниот бод. Тони вели дека тоа му донело многу победи.

„Ако Рафа понекогаш не ризикуваше, неговиот трофеен кабинет ќе беше многу помал“.

Вечната тема во светот на тенисот е кој е најдобар во светото тројство, Федерер – Ѓоковиќ – Надал.

Искусниот стручњак откри што мисли за се по две децении поминати во знакот на „големата тројка“.

„Кога луѓето ме прашуваат кој е најдобар во историјата, јас велам: најдобар во историјата е Ѓоковиќ поради сето она што го постигна. Оној кој играше најдобар тенис е Роџер Федерер, но мојот внук би бил најдобар во историјата ако не беше толку често повреден“, заклучи Тони.