Легендарниот пејач и актер, Раде Шербеџија, одлично изгледа за своите 80 години од животот. Има вродена непресушна енергија и има харизма со која малкумина луѓе може да се пофалат. Македонија не ја заборава и секогаш со задоволство се враќа во неа, и приватно и професионално. Кариерата му се смени на подобро уште во она време кога му ја даде Милчо Манчевски улогата во филмот „Пред дождот“.
Кога најде покрив над глава додека беснееше југословенската братоубиствена војна, кај познатата скопска актерска фамилија Стојановски, успеа да си дојде на себе по многу талкање во Словенија и во Лондон. На професионално поле, редовно е со оригинални концерти. Така и со завчерашниот, во Македонската филхармонија, кој не се заборава. Тоа беше успешна комбинација на рецитации, поезија, пеење и на кабаре. За максимално уживање! Особено емотивен беше настапот со актерката Јана, кога заедно ја испеаја „Елено ќерко“. И кога је пееше својата легендарна песна „Не дај се, Инес“, која, на некој начин, му е „лична карта“.
Раде емотивно им раскажа на новинарите и за страшните неодамнешни пожари, кои со денови голтаа сѐ пред себе во Лос Анџелес. Тој живееше таму подолго време, но безуспешни беа обидите да си ја спаси куќата. – Со никого не успеав да стапам во контакт, сè изгоре, телефонските врски не работеа. Единствено дојдов во контакт со музичарот Мирослав Тадиќ. Па, тоа таму е катастрофа! Навистина, потресен сум поради таа катаклизма.