„Рацете подалеку од нашите права!“, стотици илјади луѓе излегоа на протести против Трамп

918
EPA-EFE/JUSTIN LANE

Во Европа и во САД се кренаа против американските царини, на повидок првите контрамерки

Следната недела, Европската комисија ќе донесе контрамерки како одговор на американските царини за увоз на алуминиум и на челик, додека одговорот за воведувањето царини за автомобилите и за реципрочните царини од 20 отсто за голем број производи ќе следува по анализа и консултации со земјите членки. Од 12 март, на сила е одлуката за царини од 25 отсто за  увоз на алуминиум и на челик во САД од целиот свет, а од 3 април стапи на сила 25 отсто царина за сите автомобили и делови за автомобили што не се произведени во САД. Останува нејасно дали најавените царини ќе останат трајни или се дел од тактиката за добивање отстапки. Трамп рече дека царините ќе му дадат голема преговарачка моќ.

До средината на минатата недела, Европската комисија се консултираше со земјите членки за контрамерки на американските царини за челик и за алуминиум и се очекува одлуката да биде донесена в среда и да стапи на сила на 15 април. Комисијата објави пропорционален одговор до 26 милијарди евра, што одговара на економскиот опсег на американските царини.

– По одлуката на американската администрација да воведе сеопфатни царини за стоки од Европската Унија, ЕУ ќе одговори смирено, внимателно и постепено и, пред сè, единствено, додека ние го калибрираме нашиот одговор. Нема да пукаме на прва, сакаме да им ја дадеме на преговорите секоја шанса да успеат да најдат фер- договор, во корист на двете страни – рече комесарот за трговија, Марош Шефчович.

Кина, во саботата, го повика Вашингтон на „еднакви консултации“ за царините откако потонаа глобалните пазари како одговор на трговските царини на американскиот претседател, Доналд Трамп, кои предизвикаа кинеска одмазда. Во посебна изјава издадена од кинеската Влада, САД се повикани „да престанат да ги користат царините како оружје за потиснување на кинеската економија и трговија и за поткопување на легитимните развојни права на кинескиот народ“, пренесува „Ксинхуа“.

И Турција сака да преговара со САД за укинување на дополнителните царини од 10 отсто наметнати од претседателот Доналд Трамп, изјави во саботата турскиот министер за трговија, Омер Болат, додавајќи дека тоа е најдоброто од најлошото, имајќи ги предвид повисоките царини воведени од многу други земји.

– Сакаме да разговараме за ова прашање со американскиот трговски претставник… бидејќи има вишок од 2,4 милијарди долари во корист на САД, во трговијата меѓу двете земји за 2024 година – рече тој во изјавата, која ја пренесе „Ројтерс“.

Премиерот на Канада, Марк Карни, изјави дека откако вовеле САД високи царини, тој планира да формира коалиција од земји истомисленици, која бара алтернатива за американското раководство во светот.

Ерата во која САД ја водеа глобалната економија, градеа сојузи засновани на доверба и промовираа слободна трговија е завршена – изјави Карни.

Канадскиот премиер додаде дека одлуката на Трамп е трагедија, но во исто време е и нова реалност.

Швајцарската претседателка, Карин Келер-Сутер, предупреди дека воведувањето американски царини за Швајцарија од 31 отсто е аларм.

– Она што ни треба сега е да ги објасниме работите на преговарачка маса – изјави Келер-Сутер.

Швајцарија има многу да понуди, рече Келер-Сатер, додавајќи дека земјата е важен економски партнер и дека швајцарските компании се меѓу водечките странски инвеститори во САД.

Милијардерот Илон Маск, советникот на Трамп, се надева дека САД и ЕУ ќе тргуваат слободно, без тарифи.

– Се надевам дека и Европа и САД ќе се приближат, според мене, идеално, до ситуација без царини, создавајќи слободна трговска зона меѓу Европа и Северна Америка – изјави Маск во разговор со италијанскиот десничарски лидер, Матео Салвини.

Новата царинска политика на САД, во саботата, извади на улиците стотици илјади луѓе, кои учествуваа на повеќе од 1.400 протести против претседателот на САД, Доналд Трамп, и милијардерот Илон Маск, кој е шеф на Одделот за владина ефикасност (DOGE), објавија светските медиуми.

Организаторите на протестите, кои се одвиваа под мотото „Hands off“, што во буквален превод значи „Рацете подалеку“, посочија дека се против, како што го нарекуваат, „непријателско преземање“ и напад врз американските права и слободи од страна на Трамп и на Маск.

Протести се одржаа во сите 50 американските сојузни држави, а според Си-ен-ен и некои други медиуми, на повикот од продемократското движење се одзвале милиони луѓе.

Додека се распламтуваа протестите, претседателот Трамп го мина денот на голф-терен во Флорида. Слични протести се одржаа и во повеќе европски градови, вклучувајќи Париз, Берлин, Лондон и во Лисабон, како знак на меѓународна солидарност против, како што се наведува, авторитарните тенденции на американското раководство.

ИЗДВОЕНИ