Во Галеријата „КО-РА“, во малиот салон, отворена е самостојна изложба на рачно изработен накит на Соња Гиздавиќ, кој преку различни изразни форми од кожа, во комбинација со мониста, ја посочува нејзината креативност во текот на повеќегодишната преокупација во повеќе изразни форми. Со дизајн и со рачна изработка на накит се занимава континуирано подолг период од 1981 година. Првата самостојна изложба ја отвори Ана Темкова, а третата – Блаже Конески.

Ја паметиме и по првата стихозбирка „Љубовта во 7/3“, по документарните филмови, по креациите на модните ревии, но и по повеќето самостојни изложби што се случуваа токму во просторот на Галеријата „КО-РА“.

Оваа самостојна изложба на Соња Д. Гиздавиќ ја отвори Виолета Калиќ, која говореше за значењето на накитот во континуитетот на сите цивилизации од праисторијата до денес.

„Накитот имал повеќекратна улога низ вековите, не само естетска со својата форма туку и со структурата на материјалите, бил трансмисија на разнородна енергија и бил застапен и во култните ритуали и во разнородните обредни и државни церемонии и ја одразувал моќта на различните сталежи. Денес, кога се трансформираат многу нешта, неговата улога треба да се демистифицира, да се дефетишизира, да се доближи и со естетиката и со употребните материјали до секојдневните мултифункционални потреби”, истакна Виолета Калиќ во своето излагање.

ИЗДВОЕНИ