Поради незавидната финансиска состојба во која се наоѓа скопската компанија за челични конструкции „ФАКОМ“, на вработените не им се исплатени плати за два месеца (јануари и февруари), К-15 за 2024 година и три последователни 13-ти плати. За претседателот на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство, Игор Герасов, моменталната ситуација е многу проблематична и дека зависи егзистенцијата на 550 вработени.
Поради ваквата состојба, од денеска вработените во „ФАКОМ производство“ и „ФАКОМ монтажа“ започнаа штрајк со целосна поддршка од Сојузот на синдикатите на Македонија.
– Работниците во ФАКОМ немаат добиено плата за 2 месеци, К-15, 13 плата и затоа штрајкуваат, а штрајкуваме и ние со нив. Некој ја враќа олигархијата на мала врата, за жал, повторно гледаме слики како во деведесетите години – истакна претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Меѓу вработените се шпекулира дека „структури работат на тоа оваа македонска компанија да ја снајде во исто сценарио како градежниот гигант „Бетон“ кој сега е во стечај).
– Додека ние се бориме за корка леб, овие работници немаат тука ни за корка леб. Сите тука кои ги гледате сакаат да работат и да заработат, но една структура планира да ја пропадне и оваа компанија како што ја пропаднаа една голема градежна компанија. Просечната возраст на работниците е 56 години кои ја градат Италија и Хрватска. За жал, директорите денес не се со работниците и се кријат. ССМ цврсто застанува зад нив и нема да дозволиме некој да си прави ќеф на грбот на работниците – предупреди Трендафилов.
На Герасов не му е јасно зошто ФАКОМ има финансиски проблеми, затоа што, како што вели, компанијата има работа и нарачки.
– Од непознати причини се работи нерентабилно, а има потпишани договори за работа во наредниоте три години. Ние нема да продолжиме со работа додека не ни се исплатат сите заостанати плати. Обемот на работа не е намален, има нарачки за наредните три години, но за изминатата година е прикажана загуба од 200 милиони денари и над 20 милиони евра долг према комитенти и добавувачи – истакна Герасов.
Тој истакнува дека имале средби со менаџментот и сопственикот на „ФАКОМ“, но никој не им акажува зошто компанијата е во таква состојба.
– Во изминатата година стотина наши вработени ја напуштија компанијата и отидоа да работат за истата компанија во Италија. Се работи таму за бродоградна индустрија. Најинтересно во оваа ситуација е тоа што материјалот вреден 7,5 милиони евра е стигнат за мост во Хрватска, работниците се подготвени за работа, но нема да почнат со работа ако не се исплатат платите – рече Герасов.