Работниците наредната недела ќе добијат повисок минималец за 2.200 денари

Минималната плата за март оваа година, што ќе се исплатува од април, ќе изнесува околу 24.400 денари, односно за околу 2.200 денари повеќе во однос на досегашната. И покрај тоа што се очекуваше неделава да се одржи седница на Економско социјалниот совет за зголемување на минималецот над законското усогласување, сепак тоа нема да се случи. Како што изјави премиерот Христијан Мицкоски ваква седница нема да се одржи поради нерепрезентативноста на Сојузот на синдикати на Македонија. Синдикатите, пак не отстапуваат од нивното барање за зголемување на минимална плата на 500 евра. Доколку тоа не се случи се заканија со штрајк на 2 и на 7 април

1547

Наредната недела работниците ќе добијат повисока минимална плата за 2.200 денари од сегашната И покрај тоа што се очекуваше неделава да се одржи седница на Економско социјалниот совет за зголемување на минималецот над законското усогласување, сепак тоа нема да се случи. Како што изјави премиерот Христијан Мицкоски ваква седница нема да се одржи поради нерепрезентативноста на Сојузот на синдикати на Македонија. Синдикатите, пак не отстапуваат од нивното барање за зголемување на минимална плата на 500 евра. Доколку тоа не се случи се заканија со штрајк на 2 и на 7 април.

-На владина седница донесовме одлука согласно законот минималната плата да се  зголеми на 24.400 денари. Поради тоа што ние немамем репрезентативен синдикат се формираше комисија која ќе ја утврди репрезентативноста. Се надевам дека наскоро тие што ќе бидат репрезентативни претставници на работниците заедно со работодавачите ќе постигнат консензус и ние тоа ќе го прифатиме, изјави премиерот Мицкоски и додаде дека ако се постигне договор за повисок минималец ќе го смениме законот и ќе се нивелираат веќе исплатените плати.

На почетокот на овој месец од ССМ до Владата доставија предлог минимална плата да изнесува 500 евра. Ова барање синдикатите го доставија и до Организацијата на работодавачите и до пратениците. Во предлогот на ССМ стои дека освен законското усогласување согласно со новата методологија кои би се движело од 1.700 до 1.800 денари, а со тоа минималецот би скокнал на 24.400 денари да има и дополнително зголемување на минималната плата од 6.000 денари. За да се случи ова работодавачите од приватниот сектор една година треба да бидат ослободени од придонеси, односно државата да ги субвенционира придонесите.

Од ССМ велат дека доколку се постигне договор во текот на април ќе има корекција на мартовската плата, а ако не се постигне договор излегуваат на улица.

-Законското усогласување на минималната плата, односно зголемувањето на минималецот на 24.400 денари нема да ги задоволи вработените и поради тоа ќе има социјални немири. Ние не се откажуваме од зголемување на минималецот на 500 евра, бидејќи во моментов Македонија е на дното во регионот во однос на сите други држави во однос на висината на минималецот. Доколку се случи договор за повисок минималец во текот на април, работодавачите што пресметале и исплатиле плата ќе направат корекција на мартовската плата во текот на месец април, изјави за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски потпретседател на ССМ.

Работодавачите велат дека се согласни да исплатат повисок минималец од 500 евра, но разликата во висината на сегашните придонеси и оние кои би ги имале кога минималецот би бил 30 илјади денари да ја покрива државата.

Од ССМ очекуваат дека со зголемување на минималецот ќе растат и останатите плати во компаниите, но работодавачите не веруваат дека ќе најдат средства да ги зголемат и останатите плати колку што би се зголемила минималната плата.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ