Работниците добија 2.000 зголемување на платата, а платија 6.000 денари за поскапа храна

Растот на платите не го следи поскапувањето на храната. Минатата година, работниците добија 2.000 зголемување на платата, а платија 6.000 денари за поскапа храна. И со покачувањето, платите се ниски и не стигнуваат за нормална живејачка. Мора да најдеме начин да се подобри стандардот на граѓаните, бидејќи ни со две просечни плати не може да се задоволи месечната потрошувачка кошничка, која надмина 1.000 евра, сметаат до ССМ

333

Работниците добија 2.000 зголемување на платата, а платија 6.000 денари за поскапа храна. Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека растот на платите не го следи поскапувањето на храната. И со покачувањето, платите се ниски и не стигнуваат за нормална живејачка. Мора да најдеме начин да се подобри стандардот на граѓаните, бидејќи ни со две просечни плати не може да се задоволи месечната потрошувачка кошничка, која надмина 1.000 евра, сметаат од ССМ. Според статистиката, околу 70.000 работници земаат плата од 27.000 до 37.000 денари.

– Потребата од зголемување на платите произлегува од зголемените цени и од нефер трговските практики, кои ги гледаме. Цените на мало пораснаа три пати повеќе од просечната плата. И покрај тоа што е ниска инфлацијата, цените растат. Тоа го потврдува и синдикалната кошничка, која во 2024 година, во однос на претходната година, е зголемена за 5.000 денари. Најголемо зголемување има во делот на храната и на пијалаците – изјави за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.

Анализите покажаа дека храната во Македонија од 2021 досега поскапела за 46,8 отсто. Ова го потврдуваат и податоците на Државниот завод за статистика, кои за декември покажаа дека годишната инфлација изнесува 4,4, додека инфлацијата мерена на годишно ниво е 3,5 отсто. Најголемо поскапување на цените во декември лани, во однос на декември 2023, имало кај зеленчукот од 12,7 отсто, кај минералната вода, безалкохолните пијалаци, кај соковите од околу 16 отсто, потоа кај маслото, млекото, сирењето, јајцата. Само кај месото имало едноцифрен пораст од 4 проценти.

– Очекувавме со мерките на Владата да се стават трговците во ред, но наместо да имаме намалување на цените за 10 отсто, ние имаме зголемување. И покрај тоа што сè уште не се излезени статистичките податоци за јануари, според наште податоци, и покрај мерките, синдикалната кошничка е зголемена дури и овој месец – додава Пешевски.

Од ССМ велат дека ќе продолжи борбата за повисоки плати и во јавниот и во приватниот сектор. Од Синдикатот на УПОЗ, кој протестираше минатата недела, барајќи зголемување на платите за 30 отсто, најавија понатамошни протести, штрајкови и тужби ако нема договор со Владата за платите.

Освен синдикатите, со барање за зголемување на минималната плата на 500 евра деновиве излезе и Стопанската комора на северозападна Македонија.

– Минималната плата треба да биде 31.500 денари, а придонесите да останат исти. Сметаме дека ова е единственото решение и начин да се реши минималната плата долги години – изјави претседателот на Комората, Менди Ќира.

И од СДСМ ја обвинуваат актуелната власт дека осум месеци откако е формирана новата Влада, минималната плата сè уште не е зголемена, а просечната плата стагнира и покрај трошоците за живот.

Инаку, според статистиката, највисоки плати во државата од над 97 илјади денари земаат програмерите, зад нив, со нешто над 60 илјади, се вработените во фармацијата, водухопловството, финансиските услуги. Најниски плати се исплаќаат во текстилната индустрија, иако за една година во овој сектор пораснале за над 10 отсто.

Ристески: Потребно е рационално и разумно решение за висината на минималната плата

Секој предлог е добредојден, но мора да има анализи за стопанскиот раст и што може да поднесе државниот буџет, изјави Марјан Ристески, заменик-министер за економија и труд во врска со предлогот од Комората на Северозападна Македонија за тоа дека минималецот може да биде 500 евра, но со исти придонеси како сега.

– Добри се сите предлози, но, пред сѐ, треба да се отвори една поширока анализа, поширок социјален дијалог во Економско-социјалниот совет, да се види какви импликации ќе има за таквите предлози по буџетот на Република Македонија и сето тоа да биде во согласност со економскиот раст со економската состојба во Македонија и со порастот на продуктивноста, што е многу битен фактор во одредувањето на порастот на платите во иднина. Со едно нерационално, незаконско решение во иднина може да се направи нарушување на целиот економски систем во државата – изјави Ристески.

Минималната плата е регулирана со Законот од 2012 година. Порамнувањето се случува во март, а позната е формулата за пресметување: 50 отсто од просечната нето-плата исплатена во претходната година и 50 проценти од индексот на животни трошоци од претходната година, пресметано од Државниот завод за статистика. Минималната плата не смее да биде пониска од 57 проценти од просечната плата исплатена за претходната година.

– Ова е донесена како формула во Економско-социјалниот совет, со еден широк консензус на синдикатите, работодавците и Владата. Секое променување на пресметувањето и како наредно да ја одредиме минималната плата, ќе значи и промена во законските регулативи за пресметување на минималната плата – објаснува Ристески.

Тој нагласува дека сите дијалози треба да се водат преку Економско-социјалниот совет, па и за законот за јавна администрација, кој, исто така, ќе стигне во март.

– Според Законот, очекуваме зголемувањето на минималната палата, според оние проценки што ги имаме сега, да изнесува од 1.800 до 2.000 денари. Но, да напоменам дека во последно време се актуелни и протестите на УПОЗ, а и тука имаме носење закон за јавната администрација, кој треба да профункционира во март, во кој точно е одредено како ќе се пресметува платата и тука ќе имаме, исто така, одредени зголемувања во наредниот период. Пред да се носат решенија за штрајкови и протести, треба да се искористат сите демократски елементи, во овој случај, седнување на заедничка маса и тука е Економско-социјалниот совет, каде што треба да се разговара, да се анализираат работите и да повторам, да се носат рационални економски решенија што нема да направат тектонски нарушувања во буџетот на Република Македонија и во нормалното функционирање на државата – изјави Ристески.

(А.С.)

 

ИЗДВОЕНИ