Работна експертска група ќе ги даде дијагнозата и насоките за проблемот со водата во браната „Турија“

29

Ќе се формира комисија од повеќе научни институции за следење на фактичката состојба на браната „Турија“ и причините за неодамнешното појавување манган во водата, долгот што го има Општина Струмица кон АД „Водостопанство” ќе биде сервисиран согласно со утврдена динамика, а АД „Водостопанство” ќе ги извршува сервисирањата и услугите од својата надлежност. Ова било договорено на состанокот на претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, и со градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов.

Ѓорѓиевски напиша на Фејсбук дека на состанокот било дискутирано и за квалитетот на водата, која во моментов, според надлежните институции, е исправна за пиење.

– Со добра волја и на заедничка маса, да дојдеме до заедничко и прифатливо решение за сите, беше нотирано на средбата во просториите на ЗЕЛС. Kај мене не постои поделба по ниту една основа и ќе бидам медијатор во решавање на сите процеси. Драго ми е и што колегата Костадинов го промени својот став и ЗЕЛС останува обединет. Отсега, па натаму, додека јас сум претседател, проблемите ќе се решаваат исклучиво на маса, а комуникацијата меѓу институциите ќе биде на највисоко ниво – потенцираше Ѓорѓиевски.

Костадинов, кој, исто така, се огласи преку Фејсбук, рече дека позициите на Струмица се исполнети.

– Деполитизација на предизвикот со водата во браната „Турија“; работна експертска група што ќе ги даде дијагнозата и насоките; краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки за превенција од повторна појава на високо ниво на манган во водата. Потоа, динамика што ќе мора да ја почитуваме – за сервисирање на долгот кон АД „Водостопанство“, целосно преземање на обврските согласно со надлежностите на АД „Водостопанство“, МЗШВ, Општина Струмица. Затоа и беше активиран алармот – за да најдеме заедничко решение. Кога се сака, сè може – напиша Костадинов.