– Денес успешно завршуваме проект, чиј главен фокус беше решавањето на едни од најголемите предизвици со кои се соочуваме како општество – долгорочната невработеност и зависноста од гарантираната минимална помош – кажа министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, во обраќањето на завршниот настан од реализацијата на тригодишниот ИПА-проект „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“, во организација на Агенцијата за вработување.

Министерот истакна дека на почетокот од овој проект, поставена е амбициозна цел: ранливите групи да добијат можност за економска независност, преку вклучување во специјализирани програми за развој на вештини и услуги.

– Преку Програмата за советување и мотивација на невработените лица од ранливите категории, им помогнавме да го надминат својот страв од новото и непознато и да направат чекор кон активна вклученост на пазарот на трудот. Советувањето и менторската поддршка не беа само технички алатки туку и вистинска поткрепа, која ја почувствуваа овие лица како поттик за промена. Втората компонента, Програмата за поддршка за вработување преку обуки, е клучот кон иднината на многу луѓе. Во неа беа вклучени пет мерки, кои директно влијаеја на подобрување на вештините и на вработливоста на нашите граѓани. Завршените обуки за побарувани занимања на пазарот на трудот значат дека денес имаме повеќе луѓе подготвени да се вклучат во работната сила и да одговорат на потребите на пазарот. Овие обуки не беа само начин за стекнување на вештини – тие ќе им отворат на невработените лица врати за нови можности и за професионален развој – рече Дурмиши.

Според него, обуката на работното место ги подготви невработените лица за реалните предизвици на работните места, а со обврската на работодавците да вработат најмалку 50 % од обучените лица, осигуруваме дека овие обуки ќе водат кон реални работни позиции.

– Преку субвенционираното вработување, невработените лица добија шанса да влезат на работа со директна финансиска поддршка. Тие луѓе денес имаат можност да изградат кариера и да придонесат за развојот на економијата. Програмата за практикантство, пак, не само што ги подготви овие луѓе за идните работни позиции туку и ја зајакна врската помеѓу образованието и пазарот на трудот. Практичната работа е клучен елемент во развојот на секој професионалец. И конечно, пилот-програмата. Втора шанса, не само што ја зголемува вработливоста на невработените лица туку и им дава надеж за подобра иднина. Со ова докажуваме дека никогаш не е доцна да се вложи во себе и да се создадат нови можности – истакна министерот Дурмиши.

Според министерот, проектот покажал дека со правилна стратегија, соработка и посветеност можеме да постигнеме многу.

– Резултатите од проектот не се само статистика туку и луѓе што добија поддршка, нови можности и полесен пристап до работно место. Верувам дека научените лекции од овој проект ќе ни послужат како темел за идни иницијативи со кои ќе ја подобруваме вработливоста, ќе ја зголемуваме вработеноста и ќе овозможиме социјална инклузија на пазарот на трудот – додаде министерот Дурмиши.