Во перидоот од 17 до 28 фебруари, Елена Николовска е гостин-предавач на Катедрата за современ танц при УГД, каде работи со студентите од прва, втора и трета година на додипломски студии. Работилницата се фокусира на македонските традиционални ритми како неисцрпна инспирација за движење и експресија. Во центарот на ова искуство е техниката на „bouncing“ – природен пулс на телото што овозможува органско интегрирање со ритамот. Елена Николовска образованието го стекнува во Средното училиште за современ танц во Љубљана, Словенија, а го заокружува на Академијата за современ танц при Универзитетот „Антон Брукнер“ во Линц, Австрија. Таа работи со реномирани кореографи како Стела Зану, Андреса Мијазато и Јоханес Виеланд, и настапува на повеќе проекти и фестивали, вклучувајќи ги „Ars Electronica“ и „Festival Leicht über Linz“ во Австрија.

-Истражуваме ритми кои носат древни приказни – ритмот на 7/8, живописен и нескротлив, оживува преку традиционалните македонски танци како Пајдушко и Право оро. Овие ритми не се само метрика на времето; тие се пулс на една култура, начин на комуникација и чествување. Учесниците не ги учат комбинциите само како композиција, туку како медиум за пренесување емоции, приказни и историја преку телото и техниката. Оваа работилница е покана за длабоко лично истражување – секој учесник се охрабрува да го открие својот уникатен танц и однос со ритамот. Играме со просторот, низ солистички, дуетни и групни танци, низ динамичен однос со музиката и нашите импулси. Ова не е само танц, туку патување во сензациите на телото, во длабочините на звукот и во слободата на движењето. Мојата љубов кон македонската традиционална музика и ритми е особено значајна во моето предавање. Во работилниците што ги водам, го комбинирам современиот танц со богатите македонски ритми, овозможувајќи им на учесниците да ја почувствуваат енергијата и автентичноста на овие звуци преку движење. – вели Николовска за начинот на кој работи.

-Задоволна сум од соработката со младата уметница Елена Николовска, која ни доаѓа од „Антон Брукнер“ универзитетот, со кој имаме воспоставено, веќе традиционална соработка, преку неформалната мрежа на Европски универзитети и Академии за танц „Share“. Катедрата за современ танц, при универзитетот „Гоце Делчев“ постојано спроведува иновативни работилници со предавачи-гости, преку кои им овозможуваме на нашите студенти нови искуства и сознанија, со цел да се збогатат како уметници, при што им помагаме во оформувањето на професионалниот танчерски идентитет. Посебно ми е драго што Елена Николова, која потекнува од нашите краишта, ја спроведува оваа работилница, таа има прекрасен пристап и одлично ги води часовите“ – вели деканката на Филмската академија, професор д-р Рисима Рисимкин.

ИЗДВОЕНИ