Насловен „Џез-лектира: Quintessence by Quincy Jones!“, концерт одржан во петокот вечерта, беше вистинска атракција за присутната публика во полната сала на Македонската филхармонија, која час и половина уживаше во најубавите композиции на овој сестран музички магнат, композитор, аранжер и инспиративна фигура во музичкиот свет. Почнувајќи од неговиот прв албум издаден во 1959, ексклузивните неиздадени аранжмани, присутните имаа можност да ги слушнат и неговите аранжмани за Френк Синатра и оркестарот на Каунт Бејси, како и биг-бенд аранжманите на композициите од подоцнежниот поп-период…
Маестралниот концерт посветен на музичкиот гениј, Квинси Џонс, со кој Националниот џез оркестар во петокот вечерта ја отвори својата нова сезона, уште еднаш покажа дека имаме извонредни музичари и вокалисти, интерпретатори на овој вид на музика. Насловен „Џез-лектира: Quintessence by Quincy Jones!“ овој концерт беше вистинска атракција за присутната публика, во полната сала на Македонската филхармонија, која час и половина уживаше во најубавите композиции на овој сестран музички магнат, композитор, аранжер и инспиративна фигура во музичкиот свет како продуцент и откривач на таленти. Почнувајќи од неговиот прв албум издаден во 1959 година, ексклузивните неиздадени аранжмани, присутните имаа можност да ги слушнат и неговите аранжмани за Френк Синатра и оркестарот на Каунт Бејси, како и биг-бенд аранжманите на композициите од подоцнежниот поп-период.
Композициите беа изведени под диригентската палка на маестро Владимир Николов, кој истовремено и ја анимираше публиката запознавајќи ја со богатиот опус на Квинси Џонс, а како вокалисти, кои имаа одлична изведба на дел од нумерите заедно со џез оркестарот кој владееше со сцената со својата маестрална инструментална изведба, се појавија Калина Велковска, Светлана Јовановска, Ана Петановска, Дејан Бобиќ-Дексо, Сашо Гигов-Гиш и Џон Илија Апелгрен.
Публиката во текот на концертот имаше можност да слушне композиции кои настанале како соработка со други музичари, оригинални композиции од албумот Quintessence (1962), како „ Hard Sock Dance“, „ For Lena and Lennie“, насловната нумера ‘The Quintessence’ на овој албум, потоа „Soul Bossa Nova“ која е искористена во многу познати филмови, популарни нумери од 70тите и 80тите години, како и нумери кои ги пеел Мајкл Џексон. Имено, Џонс има продуцирано и три негови албуми од најуспешните: „Off the Wall“ (1979), „Thriller“ (1982) и „Bad“ (1987)…
Квинси Џонс (1933 – 2024) е легендарна фигура во музичката индустрија, композитор, аранжер, диригент, инструменталист, водач на бендови и продуцент со огромно влијание врз американската култура повеќе од 70 години, кој има работено со врвни уметници од секоја ера на популарната музика, од бибоп до хип- хоп. Добитник е на безброј признанија, вклучувајќи и 80 номинации за „Греми“, рекорд на сите времиња, од кои освои 28. Тој ја продуцираше и диригираше хуманитарната песна ‘We Are the World’, наменета за собирање средства за жртвите од глад во Етиопија. Има компонирано музика за бројни филмови, а едни од најзначајните нумери кои го одбележаа неговото творештво беа изведени токму на овој концерт.
Секоја изведба, пак, беше наградена со громогласен аплауз од страна на публиката меѓу која беа и претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, министерот за локална самоупрва Златко Перински и за правда Игор Филков, како и бројни личности од јавниот живот во државата…
За крај, по долгиот аплауз и овации, оркестарот и вокалистите беа вратени на бис.
Оваа џез-лектира навистина со задоволство беше „прочитана“. (Д.Т.)
Фото:Ѕ.Плавевски