Путин: Западот и Украина нека ја одредат целта во Киев „таму ќе удриме со Орешник – нема начин да го уништат“

421
EPA-EFE/YURI KOCHETKOV

Во тек е традиционалната годишна прес-конференција на претседателот на Русија Владимир Путин наречена „Резултати на годината со Владимир Путин“.

Путин беше прашан како го оценува напредокот на „специјалната воена операција“ и дали победата е поблиска, пренесува РИА Новости.

Тој рече дека ситуацијата на фронтот драматично се менува, „напредувањето се одвива по целата линија на фронтот. Руските борци враќаат територија по квадратни километри. Секој ден“.

Претседателот на Русија вети дека непријателските единици дефинитивно ќе бидат протерани од областа Курск. Тој не ги прецизираше датумите, за да не се изврши притисок врз армијата, рече тој.

„Непријателот дефинитивно ќе биде нокаутиран. После тоа ќе се направи проценка. Се ќе биде обновено“, наведе Путин.

Тој рече дека бројот на уништени украински оклопни возила во регионот Курск го надминал бројот на опрема уништена во другите региони во текот на годината. „Во регионот Курск има најголеми гробишта на опрема на НАТО во светот“, рече тој.

Путин предложи да се спроведе експеримент: „нека Западот и Украина одредат цел во Киев, таму да ги концентрираат сите нивни системи за противвоздушна одбрана, таму ќе удриме со Орешник, а тие ќе се обидат да го пресретнат, па ќе видиме што ќе се случи“.

Нема начин лесно да се сруши или уништи Орешник, нагласи рускиот лидер.