Рускиот претседател Владимир Путин го пофали новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп како искусен и интелигентен политичар, но рече дека не верува дека Трамп е безбеден по обидот за атентат.
Во јули, Трамп беше ранет во обид за атентат во Пенсилванија. Во одделен инцидент во септември, еден човек беше обвинет за обид за убиство, откако тој наводно се позиционирал со пушка на еден од терените за голф на Трамп во Флорида.
Путин пред новинарите по самитот во Казахстан изјави дека е шокиран од начинот на кој се водеше изборната кампања во САД. Рускиот претседател рече дека „во борбата против Трамп биле користени целосно нецивилизирани методи, па дури и обиди за атентат – неколку пати“.
„Инаку, мислам дека тој не е сигурен ниту сега“, рече Путин.
Рускиот претседател го пофали Трамп како искусен и интелигентен политичар, велејќи дека се надева дека новоизбраниот претседател е „внимателен и разбран“.
Путин рече дека не може да исклучи оти администрацијата на Бајден се обидува да создаде тешкотии во односите на Трамп со Русија.
Сепак, Москва е „подготвена за дијалог со САД, вклучително и со идната администрација“, нагласи Путин.