Рускиот претседател Владимир Путин преку американскиот специјален пратеник Стив Виткоф му испратил порака на американскиот колега Доналд Трамп во врска со неговиот предлог за прекин на огнот во Украина и рекол дека има причини за внимателен оптимизам, објави вчера Кремљ.
-Путин доцна ноќеска имаше разговори во Москва со пратеникот на Трамп, Стив Виткоф, за предлогот за 30-дневен прекин на огнот во Украина, изјави вчера портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој рече дека Путин испратил „сигнали“ до Трамп преку Виткоф и дека рускиот лидер бил свесен за американските размислувања за Украина. Додаде дека има уште многу работа да се заврши, но генерално, претседателот изразил солидарност со ставот на Трамп. Тој најави дека Русија и САД ќе работат на организирање телефонски разговор меѓу двајцата претседатели, откако Виткоф ќе го информира американскиот претседател за разговорот со Путин.
Минатата недела американско- украински тим на преговарачи договори решение за 30 дневен прекин на огнот. Иако по изјавата на Путин нема знаци дека наскоро би можело да се постигне прекин на огнот, Киев почна да се подготвува. Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека е формиран национален тим за следење на потенцијалниот прекин на борбите доколку се случи.
Во своите тајни извештаи, американските разузнавачи ја доведуваат во прашање подготвеноста на Путин да ја заврши војната против Украина, сметајќи дека тој не се откажува од својата цел – контрола над Украина, објави „Вашингтон пост“ повикувајќи се на извори запознаени со доверливите извештаи на американските разузнавачки служби. Според едно американско официјално лице Путин и понатаму ја има долгогодишната желба да ја обнови „Мајка Русија“ и останува одлучен во настојувањето да воспостави контрола над Киев. Оваа процена била меѓу разузнавачките извештаи дистрибуирани до администрацијата на Трампа на 6 март. Некои официјални лица веруваат дека дури и ако прифати привремен прекин на огнот, Москва би ја искористила таа пауза за повторно вооружување, кршење на спогодбата и предизвикување провокации кои потоа би и ги припишале на Украина. Според „Вашингтон пост“ едно официјално лице изјавило дека Москва го гледа Трамп како слаб, без јасни начела и потенцијално подложен на манипулација, што се темели на недодамнешни разузнавачки податоци.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини Путин за “манипулативен” одговор на американскиот предлог за примирје тврдејќи дека тој само глуми дека го прифаќа, доека всушност се подготвува да го отфрли. И Трамп рече дека одговорот на Путин е ветувачки, но непотполн. Тој побара продолжување на санкциите против Русија, а Европската унија вчера донесе одлука важноста да им се продолжи на уште шест месеци. Санкциите на ЕУ опфаќаат околу 2.400 руски поединци и субјекти.