Голем руски напад врз Украина; Зеленски: „Путин намерно го избра Божиќ за напад“

62
EPA-EFE/MARIA SENOVILLA

Русија изврши голем напад врз енергетскиот систем на Украина и градовите во источниот регион на божиќното утро, со крстаречки и балистички ракети, соопштија украинските власти.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го опиша нападот како „нехуман“ и остро го осуди рускиот претседател Владимир Путин.

„Денес Путин намерно го избра Божиќ за да нападне. Што може да биде понехумано? Повеќе од 70 проектили, вклучително и балистички, и повеќе од сто беспилотни летала“, рече Зеленски на Телеграм.

Тој изјави дека поради нападот имало и прекини на струја во неколку региони. „Целта е нашата енергија и инфраструктура. Тие продолжуваат да се борат за целосна темнина во Украина“, додаде Зеленски, пренесе Гардијан.

Украинскиот министер за енергетика Херман Галушченко рече дека операторот на системот за пренос вовел ограничувања за снабдувањето со електрична енергија за да ги минимизира ефектите од прекинот.

Најмалку три лица се повредени во ракетен напад врз Харков, на североистокот на Украина, соопшти градоначалникот Игор Терехов.

„Харков е под масовен ракетен напад. Во градот се слушнаа серија експлозии, а балистичките проектили сè уште се движат кон градот“, напиша Терехов на Телеграм рано во средата.

Исто така во средата, гувернерот на регионот Керсон извести дека едно лице починало во последните 24 часа. Во областа Днепропетровск, за време на акцијата за пребарување и спасување по нападот на Бадник, пронајдено е тело на маж (43), додека 17 лица се повредени, соопшти гувернерот на Днепропетровск, Сергеј Лисак.

Од почетокот на војната во февруари 2022 година, Русија сериозно ја оштети електричната мрежа на Украина со повторени бомбардирања, уништувајќи речиси половина од нејзиниот капацитет за производство на електрична енергија и предизвикувајќи редовни прекини.

Украина редовно апелира до сојузниците за посилни системи за противвоздушна одбрана за да се спречат руските напади врз енергетската инфраструктура на уништената земја.