Путин на пат да биде руски лидер со најдолго владеење во последните 200 години

245

И додека Западот и САД критикуваат дека изборите во Русија не биле ни фер, ни слободни, Путин во старо-новата фотелја деновиве ќе го начне новиот мандат. Ако ги заокружи сите шест години од мандатот, тој ќе го надмине Сталин. Во случај на сериозен конфликт со НАТО, светот би бил само еден чекор од Третата светска војна. Мислам дека е малку веројатно некој да го сака тоа, изјавил Путин по соопштување на првичните резултати, цитиран од државната новинска агенција ТАСС

Рускиот претседател Владимир Путин го освои својот петти мандат на чело на државата што ја води веќе четвртина век.

По три дена гласање, во неделата прелиминарните резултати покажаа дека тој освоил рекордни 87 отсто од гласовите, со излезност од неверојатни 73 проценти,  надминувајќи ги дури и најоптимистичките предвидувања на неговите прврзаници.

И додека Западот и САД критикуваат дека изборите во Русија не биле ни фер, ни слободни, Путин во старо-новата фотелја деновиве ќе го начне новиот мандат. Ако ги заокружи сите шест години од мандатот, тој ќе го надмине Сталин и ќе биде руски лидер со најдолго владеење во последните 200 години.

По објавувањето на резултатите Путин одржа говор во кој рекордните резултати ги претстави како доказ за масовна поддршка.

-Пред нас има големи задачи. Но, ако сме обединети, мислам дека тоа сите го сфатија, ништо и никој не може да нè заплаши и потиснува. Тоа никогаш не успеало и нема да успее. Сите наши грандиозни планови без дилеми ќе бидат реализирани и по секоја цена сите цели постигнати, изјави тој доцна во неделата на прес-конференција.

Од друга страна реалноста беше проткаена со тешки обвинувања дека изборите се наместени, дека за Путин гласале и „мртви души“, особено во окупираните територии во Украина, дека тројцата противкандидати не му се ривали.

-Со текот на годините, претседателската администрација создаваше сè поповолни услови за себе. Но, овој пат тоа достигна невиден врв – изјави за „Политико“, Дејвид Канкија, од независната набљудувачка група Голос, која нотираше 1.600 изборни нерегуларности.

Сенка на овие претседателски избори во Русија стави и нетранспарентноста. Тие се сметаат за најмалку транспарентни досега поради малиот број независни набљудувачи. На овие избори за првпат во околу 29 руски региони, вклучително и оние кои се најподложни на протести, гласањето се одвиваше електронски. Независните набљудувачи го опишаа ваквото гласање како „црна кутија“ дизајнирана да ја олесни манипулацијата со гласовите. Исто така, имаше десетици милиони државни службеници и студенти кои беа принудени да гласаат.

Путин ќе го започне својот петти мандат во време на најголемите антивоени протести од почетокот на 2022 година. Одговарајќи на повикот да се соберат „напладне против Путин“, илјадници Руси во неделата, расфрлани на околу 95.000 избирачки места и градови низ светот, излегоа на улиците во знак на несогласување. Во неколку избирачки места низ земјата имаше инциденти кога  некои луѓе се обидоа да ги оштетат гласачките кутии и избирачките места, со поливање на гласачките ливчиња со зелена боја и мастило или со предизвикување пожари. Многу Руси гласаа, но го поништија гласачкото ливче со пишување на антивоени пораки или допишувајќи го името на неодамна починатиот лидер на руската опозиција, Алексеј Навални.

Имаше и уапсени неистомисленици, а аналитичарите очекуваат тој бран да продолжи. Следува и нова мобилизација за војната со Украина, како и формирање безбедносна зона, што Путин го потврди во обраќањето по објавувањето на   првите резултати.

-Со оглед на трагичните случувања, во одреден момент кога ќе сметаме дека е соодветно, ќе бидеме принудени да формираме одредена чиста зона на сегашните територии контролирани од режимот на Киев, да создадеме сигурна зона, а ќе биде многу тешко да се надмине употребата на оружјето што го користи непријателот, пред сè, поради производството во странство, рече тој.

Според него не може да се исклучи целосен конфликт со НАТО.

-Во случај на сериозен конфликт со НАТО, светот би бил на само еден чекор од Третата светска војна. Мислам дека е малку веројатно некој да го сака тоа, изјавил Путин, цитиран од државната новинска агенција ТАСС.

Според старо-новиот руски претседател, во Украина веќе се распоредени многу војници од земјите членки на НАТО. „Тоа веќе го знаеме“, рече тој, додавајќи дека на бојното поле веќе се слушаат француски и англиски. „Тоа не е добро, особено за нив, бидејќи таму умираат во голем број“.

За новата победа Путин не доби многу честитки. Медиумите објавија дека победата му ја честитале севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, лидерот на српските радикали Воислав Шешељ, претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој најави спектакл во Бања Лука по повод победата на Путин,  кинескиот лидер Ксу Џипинг, претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев.