Путин му подари на Ким луксузен „аурус“ и сервис за чај, за возврат „добил убави подароци“

1623
EPA-EFE/GAVRIIL GRIGOROV

Рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун разменија подароци. Путин на својот севернокорејски колега му подари нов „аурус“, објави помошникот на рускиот лидер Јуриј Ушаков.

Според него, ова е втор „аурус“ што му се дава на Ким Џонг Ун. Покрај тоа, Путин му подари сервис за чај и адмиралска кама. Ушаков истакна дека и рускиот претседател „добил убави подароци“.

Тој не прецизираше за што се работи, но навести дека се работи за уметнички слики со ликот на Путин, вклучувајќи и бисти, пишува Спутник.

Претходно, во февруари оваа година, Путин му подари на Ким Џонг Ун „аурус“, а севернокорејскиот лидер е првиот шеф на држава кој на подарок добил руски луксузен автомобил.


Во мај, на инаугурацијата на Путин, беше претставен новиот, рестилизиран модел на „Аурус“.

„Аурус“ е линија на луксузни автомобили која се произведува од 2013 година по налог на Министерството за индустрија и трговија на Руската Федерација.

Проектот вклучува развој на линија на автомобили и за замена на возниот парк на службени автомобили на државни службеници и за комерцијална продажба.

Во мај 2021 година, производството на Aurus Senat беше лансирано во фабриката Alabuga SEZ во Република Татарстан.

Рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун денеска во Пјонгјанг потпишаа сеопфатен договор за стратешко партнерство меѓу двете земји.