Путин го пофали Трамп и му понуди руски минерали: „Ги имаме повеќе од Украина“

40
EPA-EFE/ALEXEI NIKOLSKY

Рускиот претседател Владимир Путин вчера во телевизиско интервју го пофали американскиот претседател Доналд Трамп. Тој особено го пофали неговиот став кон Украина и им понуди на САД соработка во експлоатацијата на руските природни ресурси.

Во интервју емитувано на руската државна телевизија, Путин рече дека политиката на Трамп не е во интерес на Русија, туку дека дејствува „во интерес на Украина, со цел да се зачува украинската државност“.

Путин потоа направи изненадувачки потег, нудејќи на САД учество во експлоатацијата на руските минерални ресурси, вклучително и ретки метали. Тој нагласи дека Русија има повеќе од овие ресурси отколку Украина и предложи Вашингтон и Москва да ги користат заедно.

Рускиот претседател истакна дека понудата се однесува и на минералните резерви во делови на Украина под руска окупација, додека на американските компании им понуди учество во енергетски проекти во Русија. Покрај тоа, Путин ги поддржа критиките на Трамп кон Володимир Зеленски, тврдејќи дека украинскиот претседател е „фактор што ја корумпира армијата, општеството и државата“.

Понудата на Путин доаѓа набргу по извештаите дека САД и Украина се блиску до договор со кој Вашингтон би добил пристап до украинските ретки метали во замена за безбедносни гаранции. Меѓутоа, Путин му вели на Трамп дека САД можат да добијат уште повеќе ресурси ако одлучат да соработуваат со Русија наместо со Киев.

Како што забележува Би-Би-Си, пораката на Путин до Трамп може да се сумира вака: „Доналде, ти и јас сме во право, а сите други грешат. Заедно би можеле да постигнеме толку многу!“.

„Тоа е паралелна реалност во која Путин и Трамп веруваат дека знаат подобро од Зеленски што е добро за Украина“, заклучува Би-Би-Си.

ИЗДВОЕНИ