Пуштена во употреба атлетската патека во рамки на спортскиот комплекс „Драго Маневски“

95

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски заедно со министерот за спорт, Борко Ристовски ја пуштија во употреба новата атлетска патека, која се наоѓа во рамки на новиот спортски комплекс „Драго Маневски“, односно околу изграденото мултифункционално игралиште во близина на средното училиште во Илинден.

Градоначалникот  Георгиевски истакна дека  спортски комплекс со атлетска патека за прв пат е изграден во Општина Илинден, така што спортистите односно атлетичарите сега имаат одлични услови за вежбање за остварување на големи успеси.

-Оваа атлетска патека можат да ја користат и најмладите кои имаат афинитети кон атлетиката, но и оние посериозните, сениорите кои веќе се докажани и ќе ги развинаат своите атлетски способности за уште поголеми резултати, како во Македонија така и во странство – изјави Георгиевски.

Министерот за спорт, Борко Ристовски го поздрави овој проект и истакна дека ова министерство секогаш ќе биде отворено за поддршка и реализација на проекти.

Атлетската патека е во вкупна должина од 200 метри, на која е поставена најсовремена тартан подлога. Покрај патеката изградена е бетонска трибина на која се поставени 175 седишта, како и ограда околу трибината.

Во рамки на активностите од настанот во придружба со претставници од фамилијата, беше откриена и спомен таблата на паднатиот борец, Драго Маневски.

Пред почетокот на свеченоста во градоначалничкиот кабинет, градоначалникот Александар Георгиевски, му врачи плакета на атлетичарот Дарио Ивановски, за особен придонес и промоција во спортот.