Пуштиле од притвор поранешен бегалец за 618 илјади евра, ќе го обезбедуваат со одземен пасош

Скандалозна одлука на Апелациониот суд!?

281

По скратување на затворската казна на обвинетиот Бојан Јовановски викан Боки 13, скопска Апелација донела уште една одлука што предизвика силни реакции во јавноста. Лидија Зимбовска, Ѓоко Ристов и Лирие Елези Ајрулау се судиите од Апелациониот суд во Скопје што ја уважиле жалбата на обвинетиот Валмир Етеми од Струга и го пуштиле од притвор во замена за гаранција од 618 илјади евра. Првообвинетиот за трговија со дрога и оружје, кој еднаш им избега на органите за прогон, па го екстрадираа од Албанија, ќе се брани од слобода. Апелационите судии се убедени дека парите ќе го задржат обвинетиот, чие судење е пред крај

Лидија Зимбовска, Ѓоко Ристов и Лирие Елези Ајрулау се судиите од Апелациониот суд во Скопје што ја уважиле жалбата на обвинетиот Валмир Етеми од Струга и го пуштиле од притвор во замена за гаранција од 618 илјади евра, ја објави денеска својата одлуката повисокиот суд, со која првообвинетиот за трговија со дрога и оружје, кој еднаш им избега на органите за прогон, па го екстрадираа од Албанија, ќе се брани од слобода. Одлуката, која ја донел Апелациониот суд на 6 март, викендот предизвика големи реакции во јавноста, врз основа на што  судечкиот совет одлучил да ослободи од притвор организатор на криминална група, во време кога судењето за предметот е прикрај. Уште повеќе што ја објавија одлуката во неработен ден. Валмир Етеми е обвинет дека организирал криминална група за трговија со дрога и оружје во Охридско-струшкиот Регион. Тој ѝ избега на полицијата во акција во 2023 година, во Струга, во која беа уапсени 19 лица од неговата група. Албанските медиуми, на крајот од јануари лани, објавија дека 32-годишниот Етеми од Струга, кого го бараше Македонија преку Интерпол, е приведен на аеродром во Тирана, пред да се качи на авион за Базел, Швајцарија. Албанската полиција го уапси, а потоа беше екстрадиран во Македонија, од аеродром директно во притвор, сè до овој викенд, кога тројцата судии од Апелација одлучиле да го пуштат со гаранција, изрекувајќи му мерки на претпазливост.

-„Понудената и прифатена гаранција што се состои во воспоставување на хипотека на недвижниот имот и упис во Заложниот регистар на движниот имот опишан како во изреката на ова решение, претставува доволен и реален износ со кој би се обезбедило присуството на обвинетиот во понатамошниот тек на кривичната постапка“, стои во образложението на Апелациониот суд Скопје

За укинувањето на притворот, викендов реагираше Основното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

– Иако Обвинителството не ги коментира судските одлуки, особено на Апелацискиот суд, на кои нема право на жалба, истакнува дека во конкретниот случај мислењето на надлежниот јавен обвинител континуирано беше негативно во однос на замена на мерката притвор – реагираа од Обвинителството и нагласија дека цело време бил продолжуван притворот од Кривичниот суд и покрај понудените гаранции за замена на притворот со поблага мерка.

Од организиран криминал информираат и дека денеска  Основниот суд требало да му ја продолжи мерката притвор, но во петокот скопска Апелација, постапувајќи по жалба за претходното продолжување, ја прифатила гаранцијата.

– Апелација го пушти на слобода без притоа да ги земе предвид околностите дека обвинетиот е првообвинет во предметот, дека беше во бегство и е екстрадиран од друга држава со купена карта во еден правец и дека предметот е во судска постапка што е скоро пред завршни зборови. Обвинителството, кое во овој случај секогаш укажуваше на погоренаведените околности и врз основа на кои даваше негативно мислење за сите обвинети, почитувајќи го слободното судиско убедување, не реагираше кога, во овој предмет, беше ослободен со гаранција обвинет што е на маргините на хиерархијата. На другите обвинети за кои сè уште се води судска постапка, како и оние што признаа вина и имаат пресуди, до правосилност на пресудите, им е определена мерка притвор продолжувана и потврдувана од Апелациониот суд Скопје – реагираше ОЈО за организиран криминал и корупција.

Според законот, притворот со гаранција може да се укине само ако нема опасност од бегство, од повторување на делото или од извршување ново дело. Во одлуката на апелационите судии, на веќе еднаш избеганиот Етеми му се изречени мерки на претпазливост, одземен му е пасошот и треба да се јавува во Судот. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ