Пуштена е во употреба реконструираната спортска сала „25 Мај“ во општина Радовиш. На настанот присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски, кој како што истакна, очекува голем број одбојкарски, кошаркарски, ракометни репрезентативци да произлезат од овој објект, затоа што Радовиш во минатото бил расадник на многу македонски спортски великани.
– Ние како Влада ќе продолжиме да ги поддржуваме ваквите проекти. Спортот ни е во фокусот. Без инфраструктура не можеме да бараме и резултати – изјави Мицкоски.
Тој им честита на министерот за спорт, Борко Ристовски и на градоначалникот на Општина Радовиш, Ацо Ристов, но и на сите оние вклучени во реконструкцијата на овој објект.
– Проектите коишто беа започнати, во рекордно време се завршени. Нешто што претставува навистина за мене импозантен успех е тоа што, од оној изглед којшто го имаше во минатото, објектот сега изгледа навистина европски, репрезентативно – истакна Мицкоски.
Тој најави дека на средината или на крајот на јануари ќе биде објавен јавниот повик кој ќе трае три месеци и на кој општините ќе можат повторно да конкурираат со проекти, а Влада ќе ги финансира во делот на инфраструктурата.
– Очекувам нови булевари, нови улици, нови канализации, нови водоводи, нови градинки, нови училишта, реконструкција на постојните, нови спортски објекти итн…Остануваме посветени на она коешто го ветувавме на граѓаните – заклучи Мицкоски.