Летната сезона во Црна Гора годинава почна, очигледно, дури во август, а сопствениците на ресторани и сите што „живеат од туристи“ негодуваат бидејќи, како што велат за Нова.рс, гостите предолго чекале, а овие, кои конечно стигнаа, не трошат ништо! Од Туристичката организација на Будва, најпосетуваното и најпопуларното место во овој дел на Јадранското крајбрежје, признаваат дека очекувањата за ова лето биле многу поголеми.
Полупразните плажи до крајот на јули, за оние кои сакаат мир и бегаат од гужвите, беа идеално место за одмор во Црна Гора, но мештаните, кои цела година чекаат туристи, за што интензивно се подготвуват од април, се жалат на сезоната и тврдат дека годинава доживеале дебакл.
„Ова е најлошата сезона во Будва и тоа сите ќе ви го потврдат! Никогаш немало помалку луѓе, не сметајќи ги годините на пандемијата. Тие што дојдоа да летуваат кај нас се оние кои не јадат во ресторани, туку по пазари, не излегуваат во клубови, туку слушаат музика додека седат покрај плажите и јадат плескавица, се капат само на градската плажа и го бројат секој цент“ вели за Нова.рс, Момчило Ѓукиќ, кој работи во еден од рестораните во Будва.
Бранот туристи, кои ги очекуваа кон крајот на јуни и почетокот на јули, пристигна пред само две недели.
„Сезоната наместо во јуни започна во август и наместо три месеци ќе трае 20 дена. Тие што доаѓаат во септември не се бројат, се е слабо. Од Србија има малку луѓе, а верувам дека ги избркаа цените и овој хаос што владее овде. До пред две недели, повеќе од 50 отсто од масите во кафулето на плажата беа празни, имавме и бесплатни лежалки во сабота и недела, што досега не се случило“, евели за српскиот портал, една од вработените во кафуле на градската плажа.
Од Туристичката организација на Будва делумно се согласуваат со тврдењата на мештаните.
„Очекувањата на туристичката индустрија, формирани врз основа на одлични рани резервации во претсезоната, беа поголеми, надминувајќи ги сегашните бројки. Во текот на јуни и јули имаше повремен пад на бројот на туристи во однос на истиот период лани, особено во приватното сместување, но кога ќе се земат предвид сите параметри, сезоната е на задоволително ниво“, велат оттаму за Нова.рс.
Според официјалните податоци, во текот на јуни Будва ја посетиле околу 114.000 туристи од 154 земји.