Пукање на Државниот универзитет во Флорида – хоспитализирани се најмалку шест лица

22
Фото:принтскрин/Х видео

Најмалку шест лица се хоспитализирани денеска, од кои едно во критична состојба, по пукање на Државниот универзитет во Флорида (ФСУ), а еден осомничен е уапсен, јавувa Си-ен-ен.

Пукањето се случило околу пладне во зградата на Студентскиот центар во кампусот на ФСУ во главниот град Талахаси. На студентите и персоналот им беше наложено да останат на безбедно место додека полицијата реагираше на пријава за активен пукач. Повеќе од 42.000 студенти посетуваат настава на главниот кампус на ФСУ.

Меморијалната здравствена болница Талахаси потврди дека примила шест пациенти – еден во критична состојба, а другите во тешка состојба.

Полицијата приведе еден осомничен веднаш по пукањето, потврдија два полициски извори за Си-Ен-Ен. Засега не се знае дали има и други напаѓачи, а полицијата се уште го истражува случајот.

Универзитетот издаде предупредување за активен напаѓач преку официјални канали и ги откажа сите часови и настани за тој ден.

 

ФБИ и државните безбедносни агенции се вклучени во истрагата и им даваат поддршка на локалните власти. Гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис, изрази поддршка за погодената заедница, а претседателот Доналд Трамп рече дека е „трагично што се случуваат овие настани“ и дека е целосно информиран за ситуацијата.

Ова е последен во серијата вооружени напади врз американските универзитети. Да потсетиме дека во 2014 година, на истиот универзитет, напаѓач отвори оган во главната библиотека, при што беа повредени двајца студенти и еден вработен. Истрагата за денешното пукање е во тек, а универзитетот ги повика студентите да го избегнуваат просторот на кампусот додека трае полициската работа.

ИЗДВОЕНИ